Заев-Курти: Унапредувањето на односите меѓу соседите носи просперитет за целиот регион – ММС
ММС

Објавено на: 09/16/21 1:50 PM

Заев-Курти: Унапредувањето на односите меѓу соседите носи просперитет за целиот регион

Секое унапредување на односите меѓу соседите, носи стабилност и просперитет за целиот регион и токму затоа даваме целосна поддршка на дијалогот меѓу Србија и Косово, воден од ЕУ и ќе поддржиме решение, кое е прифатливо за двете страни, изјави премиерот Зоран Заев, на денешната заедничка прес-конференција со косовскиот колега Албин Курти, по заедничката меѓувладина седница.

Првата заедничка меѓувладина седница, посочи Заев, е исклучително позитивен импулс за натамошниот развој и интензивирање на нашите односи и севкупна соработка, и денеска потпишавме вкупно 11 договори, меморандуми и програми кои опфаќаат и соработка во меѓугранични проекти преку ИПА програмата на ЕУ, соработка на полето на енергетиката, иновациите и технолошкиот развој, културата и туризмот.

Во прв план, посочи Заев, ги ставивме договорите и меморандумите за инфраструктурно поврзување на нашите две земји.

– Во пакетот потпишани договори се најдоа договорот за спојување на двата автопати во Граничниот премин Блаце, во рамки на изградбата на автопатската делница Скопје-Блаце, договорот за студија за патот Призрен-Тетово, договорот за воспоставување заеднички гранични премини, како и договорот за заеднички скијачки проект, што ќе ја поврзува Брезовица и Попова Шапка, изјави Заев.

Косово е еден од најзначајните трговски партнери, посочи Заев, каде трговската размена се одвива слободно без царини, согласно ЦЕФТА договорот и Договорот за економска соработка.

– Во оваа размена остварувме значаен суфицит во наша полза, со што Косово е еден од главните извозни партнери за нашата економија. Вкупната трговска размена во 2020 година изнесувала 305,7 милиони долари, а само во првиот квартал оваа година трговската размена е 130,2 милиони долари и очекуваме годинава да поминеме 400 милиони долари севкупна трговска размена меѓу двете земји, изјави Заев.

Косовскиот премиер Албин Курти, оцени дека денешниот состанок меѓу двете влади е еден историски момент, за соработка меѓу Република Северна Македонија и Косово.

-Република Северна Македонија оваа година слави 30 години независност, Косово 13 години независност и ова е првиот состанок меѓу нашите влади за да се интензивираат и прошири соработката на повеќе полиња, рече Курти упатувајќи искрено сочуство за лицата кои го загубија животот во пожарот во модуларната болница во Тетово.