За оние што фрлаат ѓубре кај што ќе им текне глоба од 150 евра – Донесени четири закони за управување со отпадот – ММС
ММС

Објавено на: 09/16/21 12:34 PM

За оние што фрлаат ѓубре кај што ќе им текне глоба од 150 евра – Донесени четири закони за управување со отпадот

Од 1 декември пластичните кеси кои граѓаните ги купуваат во супермаркетите ќе чинат по 15 денари и нема да смее да се користи пластичното пакување за еднократна употреба во угостителските објекти што се наоѓаат во заштитените подрачја во земјава. Ова се дел од промените кои ги содржи новиот сет закони за заштита на животната средина и кои треба да ги дестимулираат граѓаните да користат производи што ја загадуваат животната средина.

Собранието на својата 50-та седница ги донесе преостанатите четири закони од областа на управувањето со отпадот – Закон за управување со отпадот, Закон за управување со пакување и отпад од пакување, Закон за управување со дополнителни текови на отпад и Закон за проширена одговорност на производителот за управување со посебните текови на отпад.

„Подготовката на законите траеше долг временски период, со учество на меѓународни и локални експерти, преку консултација со засегнатите страни, општините, колективните постапувачи и комуналните претпријатија, невладиниот сектор и јавноста, со цел вградување на потребите на засегнатите страни и втемелување на принципите на заштита на животната средина во еден функционален систем кој конечно ќе биде имплементиран соодветно и во пракса“, соопштија од Министерството за животна средина.

Граѓаните кои ќе фрлаат ѓубре насекаде или ќе палат отпад и во иднина ќе плаќаат казни. Само 200 евра ќе платат ако запалат или закопуваат отпадни гуми, масла и друг вид отпад во природата или на патиштата. Со казни од 150 евра пак ќе поминат оние граѓани кои фрлаат ѓубре кајшто ќе им текне, додека глоба од 50 евра е предвидена за поединците кои не вршат селекција на отпадот или не го одлагаат отпадот во посебните контејнери наменети за ова.

Донесувањето на овој пакет од 6 закони е во насока на реформа на законодавството од областа на управувањето со отпадот, што го опфаќа општиот систем на национално ниво регулиран во општиот Закон за управување со отпадот и посебни закони кои се однесуваат на посебните текови на отпадот, ориентирани кон принципите на циркуларна економија и превенција на отпадот, односно реупотреба, преработка и рециклажа.

Минатиот месец беа донесени  Законот за управува со батерии и акумулатори и отпадни батерии и акумулатори  и Законот за електрична и електронска опрема и отпадна електрична и електронска опрема.

 

О.К.