Народната банка ќе „штанца“ 100 денарки – Тендерот тежок 400.000 евра го доби руски „Гознак“ – ММС
ММС

Објавено на: 09/17/21 10:00 AM

Народната банка ќе „штанца“ 100 денарки – Тендерот тежок 400.000 евра го доби руски „Гознак“

Народната банка ќе „печати“ пари. Тендерот за набавка на „стоденарки“ вреден речиси 400.000 евра го доби руски „Гознак“. Во план е да се испечатат 20 милиони парчиња. Или вкупната вредност на „стоденарките“ кои ќе се пуштат во оптек е околу 32,5 милиони евра. Проценетата набавка пак на Народната банка за печатење пари за годинава е во вредност околу 2,4 милиони евра. Во тек се и постапки за јавна набавка на книжни „илјадарки“ и „двеилјадарки“ и ковани пари од два и пет денари. Доколку се оди според планот, парите треба да стигнат во земјава во втората половина од идната година.

„Согласно со Годишниот план за јавните набавки на Народната банка за 2021 година, се набавуваат вкупно 20 милиони парчиња книжни пари со апоенска вредност од 100 денари. Книжните пари од овој апоен се набавуваат заради стандардна редовна замена, кога за тоа ќе има потреба, на парите  од овој апоен коишто во процесот на циркулација ќе ги изгубат карактеристиките за соодветност за оптек и како такви Народната банка ги повлекува од оптек.“- велат од Народната Банка.

Од централната банка потенцираат дека во моментов нема недостаток на пари од ниту еден апоен, туку станува збор за редовни замени на банкнотите кои се селектирани како несоодветни за во оптек.

„Заради соодветно надополнување на залихите, одржување на стандарден квалитет на парите во оптек и рамномерна застапеност на апоенската структура на парите во оптек, во тек се постапки за јавна набавка на книжни пари со апоенска вредност од 2.000 и 1.000 денари и ковани пари со апоенска вредност од 5 и 2 денари. Доколку овие постапки за јавна набавка завршат во предвидените рокови, притоа имајќи ја во предвид комплексноста и специфичноста на изработка на книжните и кованите пари, што условува значително подолг временски период за нивна изработка, очекуваме испораката на парите да се реализира почнувајќи во текот на втората половина идната година.“- одговорија од Народна банка за ММС.

Руската печатница пак „Гознак“ за прв пат ќе печати „стоденарки“ за Народната банка. Велат нејзината понуда била избрана за најповолна на тендерот.

„Набавките на пари, Народната банка ги спроведува согласно со Законот за јавните набавки. Тие завршуваат со електронска аукција, а договорите за набавка се склучуваат со понудувачот којшто на електронската аукција ќе понуди најниска цена. Во изминатите години повеќе реномирани печатарски компании имаат печатено книжни пари со апоенска вредност од 100 денари, како на пример печатницата De La Rue од Велика Британија и Obertrhur од Франција.“- велат од Народната банка.

Договор за печатење на „стоденарките“ е склучен пред неколку денови на 13-ти септември. На него стојат потписите на вицегувернерот на Народната банка Фадил Бајрами, и заменикот генерален директор за меѓународна соработка на руски „Гонзак“ Андреј Курјатников.

(А.С.)