Како е да се биде водител, фармацевт, стоматолог, продавач во маркет…? Преку 20 различни куќички со различни професии, најмалите отсега ќе можат да се едуцираат и да влезат во сериозни, возрасни улоги, само во „Мини сити – Макси развој“ во Штип.
Идејата за реализација на ваков нов проект, според иницијаторките, се родила од детската игра со улоги, а овде, во мини градот, тие ќе можат да бидат главни и професионалци.
– Целта на овој проект е анимација, забава, едукација и развој на имагинацијата и љубопитноста на децата. Целосниот проект опфаќа дидактички игри формирани во различни работилници, каде децата со реални алатки влегуваат во улога на професионалци и го доживуваат реалниот свет, вели Викторија Кљаич, реализаторка на проектот.
Различните куќички со професии вклучуваат програми направени според возраста на децата, а центарот е наменет за деца до 12 години. Во склоп на Мини сити има и кафетерија, па овде ќе можат да се слават и родендени.
– Во склоп на Мини сити – Макси развој како што има предвидено едукативни програми за сите професии и дејности, се вработени едукаторки и педагози. Секои четири-пет деца по влегувањето се преземаат од едукатор и ги внесува во куќичките и таму учат за професиите, вели Наташа Ицева, реализаторка.
Проектот е потпомогнат од Фондот за иновации и технолошки развој и приватни компании.