Пред работа, по работа, пред училиште по училиште, кога е пазарен ден, а веќе и во секое време за штипјани станува „мисловна именка“ да најдат такси возило. Централните на компаниите се исклучени или воопшто никој не се јавува. Не се јавуваат ниту „личните таксисти“, велат повеќе немаат математика. Ако немаат сопствено возило, превозот за штипјани станува се’ поголем проблем, уште повеќе што во градот нема ниту јавен превоз. Од такси компаниите велат дека ќе биде уште полошо, уште потешко.
Во град со 50.000 жители, според информациите од општината во моментов официјално лиценцирани има само 13 компании со вкупно 138 возила. Низ градот возат и голем број диви таксисти, но и сите заедно, легални и диви не можат да ги задоволат потребите на штипјани.
Пандемијата, законската регулатива која што не е променета повеќе од 10 години, немањето на алтернативен т.е јавен превоз, немањето на работна сила, иселувањето, како и нелојалната конкуренција, се главните причини кои што доведоа до оваа состојба, граѓаните да се соочуваат со ваков проблем, вели претседателот на здружението на таксисти „Такси 2003“ Штип, Глигор Арсов.
„Пандемијата не погоди не само нас туку и сите други дејности. Луѓето се плашат, не сакаат да ризикуваат, па го користат такси превозот само оние кои имаат неопходни потреби или итна потреба. Сепак и пред пандемијата кризата веќе се чувствуваше во овој сектор. Друг проблем се законите и подзаконите. Правилниците за вршење на авто-такси превоз во 90% од општините се постари од 10 години. Нема никакви промени што во превод значи дека цената на такси превозот, начинот на вршење на превозот не е променета од 2011-2012 година. Не поминуваат нашите барања во општината и Советот, кои што треба да ги променат тие одлуки. Тие ги гледаат нашите барања со други очи, наводно повеќе како грижа за граѓаните, но еве до каде не доведе таа „грижа“, “ вели Арсов
Една од причините за ваквата состојба, додава Арсов, е и немањето на алтернативен т.е јавен, градски превоз. Освен Скопје и Битола, ретко која општина во земјава има алтернативен превоз, па се случува превозот на граѓаните да биде единствено на грбот на такси компаниите, па затоа доаѓа до вакви кризи.
„Нема ниту луѓе кои што би работеле како таксисти. Иселувањата си го направија своето, не само во оваа туку и во другите гранки. Сега и во време на пандемијата, многу заминаа во странство, да возат камиони, автобуси, а во последните две години, преминаа во секторите каде што работата не застана, во градежниот и во прехрамбениот сектор, “ додава Арсов.
Тој се пожали и на нелојалната конкуренција, на дивите таксисти не им се знае бројот, можат да се видат кај Трговскиот центар, кај Автобуската станица.
Претседателот на Здружението на такси возачи верува дека држават, општините ќе преземат нешто за да се надмине оваа ситуација, тоа го очекува и од новите власти. Се надеваат на разумно решение, зошто тоа им е потребно и на државата и на такси компаниите, а особено на граѓаните.
Арсов вели дека состојбата уште повеќе ќе се влошува.
„Во некои помали градови од источниот дел на земјата, како што се Крива Паланка, Берово, Делчево, Пробиштип, такси компаниите повеќе не возат ноќна смена, а од пред некој ден во Општина Неготино, двете компании кои што работат таму се договориле, да не работат ниту во недела. Значи во оваа општина освен со сопствено приватно возило, нема никаков превоз, што е катастрофа,“ додава Арсов.
Според него состојбата треба да се сфати сериозно, кога станува збор за вршење на една ваква јавна служба, државата треба да помогне со субвенции како што тоа се прави во некои други земји.
„Минатата година поднесовме две барања до Советот да се закаже седница, со цел да се промени правилникот на работа, за да можеме ние да ја промениме цената. Од општината воопшто не ни одговорија и на двете барања. Сите го знаат проблемот, но не се презема ништо, но така е кога треба да се донесе одлука за покачување на цената на некоја услуга. Се надевам дека нема да биде предоцна и да се реагира кога ќе слушнеме дека некој бил нападнат додека се враќал дома пешачејки во доцните ноќни часови,“ вели Арсов.
Многу тешко е особено за приградските населби, зошто таксистите се почесто одбиваат да возат до тие населби,а уште покритично ќе биде за селата.
Ако пред 7-8 години во Штип имаше дури 300 такси возила, сега заедно со дивите таксисти тој број едвај стигнува до 150.
„ Во моментов во Штип има 13 лиценцирани такси компании со вкупно 138 такси возила. Можеби бројот на возила и да е помал, бидејќи се случува некои компании да ги имаат одјавено возилата но тоа да не го пријавиле во општината,“ вели Сања Мијалкова Судиклиева, вработена во општина Штип.
Според неа оваа бројка е многу мала за опслужување на потребите на Штип со околу 50.000 жители за што според правилниците се предвидени издавање на лиценци за 250 такси возила.
Пред петнаесетина години кога градоначалник беше Панде Сарев, беше воведен градски јавен превоз, но поради економската неисплатливост, за кратко време згасна. Во годините што следуваа партиите го ставаа јавниот превоз во своите програми но ниту еден од градоначалниците не го спроведе овој проект иако состојбите сега се поинакви и веќе потребата за воведе градски превоз е созреана Се’ остана на проценки, на анализи, па дури и на тоа какви авобуси да се обезбедат, на струја, гас или дизел.
Во меѓувреме таксињата станаа се поретки, а јавниот превоз за штипјани пуста желба.
В.Кр