Граѓаните се активни на Пописот и покрај негативната кампања од партиите, тврди Симовски – ММС
ММС

Објавено на: 09/14/21 9:45 AM

Граѓаните се активни на Пописот и покрај негативната кампања од партиите, тврди Симовски

Заклучно со вчера до 20 часот попишани се 512.457 лица, 158.519 домаќинства и 212.464 станови. Владата им се заблагодари на граѓаните за масовниот одѕив кој ја покажал свесноста и одговорноста на секој од нив и очекува пописот да продолжи со предвидената динамика, информираше портпаролот на Владата, Душко Арсовски.

И директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, нагласи дека Пописот 2021 се одвива со посакуваниот интензитет.

– Вчера, попишавме точно 93.235 лица, 29.491 домаќинство и 40.155 станови. Ова се навистина прекрасни податоци, особено што се работи за работен ден, за разлика од претходните кога беа за време на викенд и очекувано беа повисоки, бидејќи населението е дома. Исклучително сме задоволни и од темпото и од работата на попишувачите и се надеваме дека ваквото темпо ќе продолжи и понатаму и без никаков проблем ќе го завршиме пописот во предвидениот рок, изјави Симовски.

Тој немал точна бројка за одбивањата на попишување, но таму каде што имало првично одбивање, одат и разговараат со граѓаните. Симовски потврди дека има негативна кампања и не престанува.

– Таа не престанува. Една политичка партија има кампања за да го спречи пописот. Податоците го покажуваат тоа, граѓаните се активни. Не применуваме никакви санкции се уште и се надеваме дека тоа нема да се случи до крајот на попишувањето, односно дека ќе успееме овие луѓе да ги убедиме дека, онаа пропаганда против спроведувањето на пописот се дезинформации и целта е сосема друга, изјави Симовски и додаде дека не очекува непредвидливи проблеми со технологиите како што се појавија на самиот почеток на попишувањето.

О.К.