Заев доби само групна средба со Меркел заедно со лидерите на Западен Балкан – ММС
ММС

Објавено на: 09/14/21 8:22 AM

Заев доби само групна средба со Меркел заедно со лидерите на Западен Балкан

Македонија ќе биде во агендата на германската кацеларка Ангела Меркел, но само на заедничката средба со премиерите на Босна и Херцеговина, Црна Гора и Косово денеска во Тирана. Меркел во прошталната посета, го заобиколи Скопје, по дводневната посета на Белград и денешната на Тирана. Средбата со лидерите е планирана за напладне, откако претходно канцеларката ќе се сретне со албанскиот премиер Еди Рама. Следи заедничка прес конференција на Меркел со Рама, кога се очекува да се слушнат заклучоците и од заедничката средба со лидерите на Западен Балкан.

Според најавата на средбите, ќе доминираат прашањата за регионалната соработка, а во рамките на Берлинскиот процес.

Меркел вчера по средбата со српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека очекува Берлинскиот процес да остане како формат во агендата на нејзиниот наследник.

-Мислам дека секој канцелар ќе се залага за развој на Западен Балкан. Не само Германија организираше конференција во врска со Берлинскиот процес, се вклучија и други земји, така што верувам дека ова ќе продолжи”, рече канцеларката.

По 16 години на власт, Меркел ќе ја напушти функцијата канцелар на крајот од нејзиниот четврти мандат, односно по изборите во Германија на 26 септември.

Нејзината посета на Балканот доаѓа и пред следниот самит ЕУ-Балкан, што ќе се одржи во октомври. Берлинскиот процес беше објавен во 2014 година, со цел промовирање на регионалната соработка на Западен Балкан и европската интеграција.

Земјите од Западен Балкан се во различни фази на интеграција во ЕУ. Црна Гора и Србија постигнаа најголем напредок, бидејќи ги отворија пристапните преговори и поглавја.

Албанија и Македонија чекаат официјално отворање на пристапните преговори, додека Косово и Босна и Херцеговина се потенцијални земји кандидати.