Федерер и Ѓоковиќ во полуфинале во Синсинати – ММС
ММС

Објавено на: 08/18/18 8:00 AM

Федерер и Ѓоковиќ во полуфинале во Синсинати

Новак Ѓоковиќ победи во два натпревари во рамките на неколку часа и се пласираше во полуфиналето на турнирот од сериите „Мастерс“ во Синсинати.
Србинот го совлада Григор Димитров во одложениот натпреавр, а потоа победи со 2:1 во сетови во четвртфиналето против Канаѓанецот, Милош Раониќ по 7:5, 4:6, 6:3.
Во третиот решителен сет Ѓоковиќ дозволи брејк во третиот гем, но веднаш го врати и потоа направи уште еден, за да го заврши натпреварот по два и пол часа игра.
Во полуфиналето 10-тиот во шемата ќе се сретне со Хрватот Марин Чилиќ, кој победи против Пабло Карел-Буста (Шпанија) со 7:6 (7), 6:4. Ѓоковиќ е петкратен финалист во Синсинати, но никогаш не ја освоил титулата.
– Многу сум задоволен. Покажав здрава психа и успеав да израмнам сет негатива и во двата натпревари. Очигледно натпреварот против Димитров не започна добро за мене. Тој играше одлично на почетокот. Прекините поради дождот се одразуваат лошо, зашто мускулите се загреваат и се ладат додека чекаш, рече Ѓоковиќ по двата натпревари.
Програмата на „Мастерс“ турнирот во Синсинати беше исклучително тешка по третиот круг поради дожд. Две победи во рок од неколку часа забележа и Роџер Федерер. Швајцарецот се справи во два сета со Леонардо Мајер во третиот круг по 6:1, 7:6 (6), а во четвртфиналето го надигра својот сонародник Стен Вавринка со 6:7 (2) 7:6 (6) 6:2.
Двајцата пријатели разменија еден сет по тајбрејк кога грмотевиците ја прекина средбата за некое време. По враќањето на теренот, Федерер беше беспрекорен и го освои решавачкиот третиот сет со 6:2.
Хуан Мартин Дел Потро, исто така, одигра два натпревари за еден ден, но го загуби вториот. Аргентинецот го доврши прекинатиот поради дожд дуел против Ник Кириос со победа, но потоа заморот одигра огромна улога и Дел Потро отстапи пред Белгиецот Давид Гофан по два тајбрејка – 6:7 (5), 6:7 (4).
Гофан првпат ќе игра полуфинале во Синсинати, каде што ќе има сериозна пречка во лицето на Роџер Федерер.