Лозарите да не се користат за политички цели, во земјоделие нема политика, вели министерот Хоџа – ММС
ММС

Објавено на: 09/13/21 10:54 AM

Лозарите да не се користат за политички цели, во земјоделие нема политика, вели министерот Хоџа

Маката на лозарите да не се користи за политички цели, рече министерот за земјоделство Аријанит Хоџа одговарајќи на новинарско прашање и изрази „жалење“ што не успеале плановите на „политичари или поточно градоначалници“. Тој вели најголем дел од винарските визби немаат ни почнато со откуп, па затоа за него е несфатливо зошто уште на почеток се прават обиди политички да се профитира врз грбот на лозарите.

– Јас сум меѓу лозарите и ништо што сме ветиле не е надвор од рамките на кои разговаравме. Точно едека јас разговарав со винарските визби за да имаат доста повисока цена од ланската реколта и поголемите винарски визби тоа го почитуваат. Секако има и некои кои не го почитуваат, но затоа јас свикав состанок во среда само со винарските визби за да разговараме зошто е тоа така, рече Хоџа и потенцира оти додека тој го води министерството, политика во земјоделството нема да има.

За ситуацијата во Кавадарци тој вели дека лично ургирал лозарите и пратениците да бидат примени на разговор со раководството на Тиквеш. Откупот како што рече министерот почнал по разговорот, но повторно прекинал па се случувало тоа што сите можеле да го видат на медиумите.

Инаку ваквата изјава доаѓа откако дел разочарани лозари пред два дена го истурија своето грозје пред откупниот пункт на Тиквеш поради како што наведоа, малверзации со откупот.

Од Здружението Тиквешки лозаро-овоштари побараа да нема манипулации со шеќерните единици кои се бараат при откуп на грозјето и апелираа дека некои од откупувачите не ги почитуваат претходно неформално договорените цени за килограм грозје.

По отстранувањето на блокадите винаријата Тиквеш вчера продолжи со откупот.

„Уште еднаш нагласуваме дека „Тиквеш“ е единствената винарница во земјава која и оваа година дефинираше највисока цена, ја почитуваше договорената цена за откуп на вранецот од 13 денари за килограм и од 11 денари за смедеревката и се обврза да откупи најголема количина грозје досега. Истовремено, „Тиквеш“ беше и првата винарница која на најтранспарентен начин ги објави цените и условите по кои ќе го откупува грозјето, при што точно го наведе и нивото на квалитет на грозјето што ќе го откупува“, се вели во вчерашното сопштение на Тиквеш.

Од таму додаваат дека винарницата и понатаму останува на својата определба дека нема да прави никаков компромис со квалитетот на грозјето што го откупува, затоа што на тој начин се штити и интересот на оние над 2100 лозари со кои Тиквеш веќе има потпишано договори, а кои со макотрпна работа ги исполниле стандардите за квалитет на грозјето што им гарантира и многу повисока цена.