Проценката и одлуката за оставките на Филипче, Хасани, Бесими и Етеми, ќе се базираат исклучиво на фактите од истрагата, напиша Заев на Фејсбук – ММС
ММС

Објавено на: 09/11/21 12:55 PM

Проценката и одлуката за оставките на Филипче, Хасани, Бесими и Етеми, ќе се базираат исклучиво на фактите од истрагата, напиша Заев на Фејсбук

По поднесените оставнки на министерот за здравство Венко Филипче, заменик министерот Хасни и директорите на тетовската болница Бесими и Етеми, преку социјалната мрежа Фејсбук се огласи премиерот Зоран Заев.
„Огромни се тагата и жалоста низ кои поминуваме овие денови заедно со семејствата и блиските на загинатите при несреќата во тетовскиот КОВИД центар. Веќе трет ден сведочиме дека трагедијата која се случи на 30-годишнината од денот на независноста ги покрена на највисоко ниво солидарноста кај граѓаните, респонзивноста на институциите и одговорноста на политичарите.
Поднесените оставки од министерот за здравство Филипче, од заменик министерот Хасани и од директорите на тетовската болница Бесими и Етеми ги примив и ги разбирам како висок морален и етички чин и како демонстрација на интегритет и одговорност која е неминовна при вакви големи несреќи“, напиша тој на Фејсбук додавајќи дека истражните и правосудните органи спроведуваат исклучително темелна, професионална и брза истрага која мора да ги утврди до детал причините за избувнувањето на смртоносниот пожар.

„Кон стручноста и кредибилноста на истрагата ќе придонесат и форензичарите од Германската федерална криминалистика, за што веќе се реализираат подготвителни извидувања и активности и за што упатувам огромна благодарност до нашиот НАТО сојузник, Германија. Во овие моменти на национална трагедија и на целосна мобилизација на сите државни и општествени капацитети околу целосно расветлување на случајот, упатувам благодарност до сите чинители кои во исклучително краток рок спасија човечки животи, обезбедија сериозни информации и анализи при истрагата, обезбедија врвна стручна странска експертиза, покажаа огромно чувство на солидарност и сочувство и демонстрираа највисоко ниво на одговорност“, стои во објавата на Заев.

Тој напиша дека неговата проценка и одлука по однос на поднесените оставки ќе ги базира исклучиво на фактите кои ги добива од истрагата односно исклучиво согласно утврдените причини за избувнувањето на пожарот.

„Очекувам тоа да се случи брзо во следниот период за што уште еднаш апелирам до сите институции за брза и темелна истрага. Одговорност има и ќе има, јасно утврдена врз основа на непобитни форензички факти, а не врз основа на политички пресметки. Апелирам до целиот народ, до јавноста и до претставниците на медиумите, сите да останеме фокусирани на истрагата и на фактите, да го одржиме силен националниот дух, иако сме облеани во тага, да бидеме ангажирани, но и трпеливи, да ја поминеме оваа трагедија заедно и да помогнеме за никогаш повторно да не ни се повтори“, стои во објавата на Заев.

Почитувани граѓани,

Огромни се тагата и жалоста низ кои поминуваме овие денови заедно со семејствата и блиските на…

Posted by Zoran Zaev on Saturday, September 11, 2021