Кој, кога, зошто и дали го оштети знамето на бугарскиот конзулат во Битола? Ова се прашања на кои 16 дена нема одговор, освен протесната нота на бугарското МНР и осудата на нашето МНР. Затоа ММС реши да се обиде да ја дознае вистината, односно да ги провери шпекулациите кои се појавија после овој “настан“ кој може да ги разниша и онака тенките односи со соседна Република Бугарија.
Според информациите од официјалните институции и хронологијата на настаните и одговорите постојат два различни датуми за тоа кога се случил инцидентот и истиот не бил пријавен веднаш туку најмалку седум дена подоцна и тоа од загрижен сосед на бугарскиот Конзулат во Битола.
А, информацијата дека се случил таков инцидент ја дознавме од реакцијата на нашето Министерство за надворешни работи. Настанот кој според бугарското МНР се случил на 28 август, кога непознат сторител го отстранил знамето и притоа го оштетил јарболот, на 30 август го осуди Министерството за надворешни работи со ветување дека надлежните ќе го расчистат случајот.
„Овој вандалски и неодговорен акт на некој поединец, чиј идентитет ќе биде предмет на разгледување од страна на надлежните органи, во никој случај не треба да се поистоветува со населението на овој традиционално конзулски и космополитски град“, соопшти МНР и најави истрага.
И покрај осудата од МНР кое се огради од „ваквите изолирани и неконтролирани однесувања кои не придонесуваат во напорите за продлабочување на пријателството, добрососедството и соработката меѓу двете држави“, бугарското министерство за надворешни работи му врачи протестна нота на привремениот шеф на амбасадата на Северна Македонија во Софија, Владимир Крстевски, поради отстранување на знамето во Битола.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, на Владимир Крстевски му било кажано дека на 28 август 2021 година бугарската страна го констатирала отстранувањето на знамето на Бугарија, сместено до канцеларијата на Службата за трговија и економски прашања при Генералниот конзулат на земјата во Битола.
Во официјалното соопштение по состанокот, бугарското Министерство за надворешни работи ја прифати јавната реакција на Министерство за надворешни работи на Северна Македонија, во која остро беше осуден вандалскиот чин и беше ветена истрага и изведување на сторителите пред лицето на правдата.
Но, на 31 август на Фејсбук се појавија шпекулации дека се работи за лажна вест и дека сценариото за вандализам врз бугарското знаме во конзултатот во Битола е изрежирано.
“Граѓаните реагираат дека е измислено сценариото за вандализам врз бугарското знаме во бугарскиот конзулат во Битола. Никогаш не било уништено или оштетено. Знамето во бугарскиот конзулат се вее на 8 метарски јарбол во дворот на конзулатот кој е заштитен со 2 метарска ограда, камери и обезбедување. Не е можно да се изврши вандализам во конзулатот. Сценариото е измислено, очевидци нема и покрај сите безбедносни мерки кои се во сопственост на конзулатот. Бугарската дипломатија во Битола да одговори зошто оваа вест е лажно пласирана дека е извршен вандализам врз знамето пред бугарскиот конзулат во Битола ?“ , стоеше во објавата на групата „И јас сум Македонец“.
Истиот ден на 31 август, ја побаравме битолската полиција која потврди дека таков случај со вандализам не бил пријавен до тој момент.
На 3 септември, побаравме од амбасадата на Република Бугарија во Скопје да одговори кога го пријавила вандалскиот чин и до кого пријавила, затоа што во СВР Битола немаше регистрирано таков случај.
Одговорот стигна пет дена подоцна, дури на 8 септември и во него бугарската амбасада повтори дека нивната позиција веќе ја образложило Министерството за надворешни работи на Република Бугарија и дека според законите на Република Северна Македонија таа нема право да се меша во работата на истражните органи.
“Сквернавењето на бугарското национално знаме пред Трговско-економската служба на Генералниот конзултат на Република Бугарија во Битола е недопустлив чин. Секое дејство, израз на омраза кон друга држава или нејзините граѓани, противречи на основните вредности на современите демократски општества и е пречка за утврдувањето на добрососедските односи. Нашата позиција за овој случај веќе беше објаснета од МНР на Република Бугарија пред привремениот шеф на амбасадата на Република Северна Македонија во Софија. Во тој контекст беше и јавната реакција на МНР на Република Северна Македонија кое остро го осуди вандалскиот чин и презеде обврска за пронаоѓање на сторителите. Детали поврзани со начинот на кој е извршено дејството за кое во моментов тече истрага и со дејствијата за разоткривање на сторителите, согласно законите во Република Северна Македонија, се во целосна надлежност на надлежните органи во земјата. Тоа се дејства во кои МНР на Република Бугарија нема право и не би сакало да се меша“, стои во официјалниот одговоро од Амбасадата на Република Бугарија во Скопје. Оттаму не одговорија кога го пријавиле случајот на вандализам во полиција.
ММС побара одговор и од Министерството за внатрешни работи: дали конзултатот веднаш го пријавил случајот со знамето во МВР, односно кога точно е пријавен вандализмот, дали е направен увид и дали се пронајдени сторителите на наводниот инцидент.
Од МВР велат дека случајот бил пријавен дури на 3 септември, што се поклопи со датумот кога ММС побара одговор од бугарскиот конзулат во Битола. Од МВР исто така ни рекоа дека било пријавено најпрво од сосед кој живеел во близина на објектот, а подоцна и од Конзулатот на Република Бугарија.
“Во врска со настанот за кој прашувате, Ве известуваме дека е пријавен на 03.09.2021 најпрвин од сосед кој живее во близина на објектот, а подоцна и од Конзулатот на Република Бугарија. Додека, според објавите на социјалните медиуми настанот се случил на 21/22.08.2021.СВР Битола презема мерки за пронаоѓање на сторителот и за расчистување на случајот“, велат од МВР.
Дали е ова монтиран случај, сепак, треба да потврди МВР, кое се уште го нема точниот датум кога се случил инцидентот кој го пријавил загрижен сосед.
Орце Костов
фото: ММС, Битола.инфо, општина Битола