Игор Симовски е пожарникар од Тетово, кој мсо првото противпожарно возило стасал пред болницата и бил повреден додека се обидувале да го изгаснат огнот. Игор по два дена сеуште не може да се соземе од сликите кои ги видел додека се обидувале да го изгаснат пожарот и да успеат да спасат некој човечки живот. А сето тоа го правеле пред очите на семејствата, кои стоеле надвор, додека нивни блиски гореле внатре на , како што вели тој, над 800 степени температура, која ги стопи автомобилите, а не, пак, човечките тела.
-Само што ја примивме пријавата, противпожарното возило беше за четири минути на лице место. Тоа е првото возило кое стаса до болницата. Целата болница од почеток до крај беше во пламен. Немаше шанси да се влезе внатре, бидејќи имаше висока температура. Колегите и тие што бевме на смена и тие кои ги повикаа од дома максимално се трудеа да го згаснат оганот внатре, за да можеме да влеземе, барем да ги спасиме луѓето кои се внатре. Но, со оглед на тоа што електричната енергија и кислородот не беа исклучени, не можеше да се влезе. Се гасеше под голем ризик. Можеше да настрада некој пожарникар од струен удар. Освен тоа внатре имаше детонација од боца. Мене ме „пукна“ боца во нозете и му благодарам на Бога поради опремата, која е стара 20 години, ми ги спаси нозете. Ми е криво многу што не успеавме да влеземе внатре да ги спасиме луѓето.
Вие сте повреден, како се чувствувате?
-Да. Бев пренесен на хирургија и на ортопедија и му благодарам на Господ добро сум сега.
Велат дека телата ги ваделе преку скршени прозорци. Командирот рече дека кога ги ваделе телата не знаеле дали се живи или мртви. Вие бевте на лице место, што се случуваше?
-Првите тела се извадени кога дојдовме ние, од предната страна. Најверојатно мртви, бидејќи нема жив никој откако дојдовме ние. Живите на почетокот се спасиле, кога почнал пожарот. Другите што останале внатре се починати. Бидејќи пожарот се раширил многу брзо, за минута до две го зафатил целиот објект. Кислородот го зголемил огнот.
Дали кислородот е причина за толку брзо проширување на пожарот, освен материјалот од кој е направена болницата?
-Кислородот влијае многу, најмалку пет пати повеќе ја зголемува температурата. Но, истрагата ќе покаже како е и што е. Да немало кислород би била помала температурата. Внатре сигурно имало над 800 степени.
Како изгледаше внатре?
-Автомобилите беа паркирани околу метар ипол понастрана а беа стопени од огнот. Па ако биле автомобилите стопени што да кажеме за пожарникарите. Ако пожарникарот влегол да спаси некого, заштитната опрема на таа температура може да му помогне само 30 секунди и потоа ќе изгори. Прво требаше да се изгасне, па да се влезе. Температурата беше огромна, автомобилите се стопени што се надвор, а замислите што било внатре.
Има повредени други пожарникари?
-Да, уште еден колега има повредено нога, истегнати му се лигаментите. Другите се ок. Мора да кажам за големата храброст на колегите бидејки знаеја под какви услови работат и каква опасност има внатре. Знеја сите дека струјата е уклучена, уште кога дојдовме пукаа жиците, пукаше саатот и пак продолжија со работа за да го изгаснат. За околу еден час беше изгаснат пожарот. Страшно беше да се работи. Надвор беа семејствата на луѓето кои беа внатре, кои гореа. Страшно беше да се работи. Внатре му гори член на семејство и чека да го извадиме. Навистина беше страшно.
Зоран Димовски