„Ова е чиста саботажа на болницата“, велат шокирани од компанијата „Ари и Том“ од Валандово, која ги градеше модуларните болници – ММС
ММС

Објавено на: 09/9/21 1:18 PM

„Ова е чиста саботажа на болницата“, велат шокирани од компанијата „Ари и Том“ од Валандово, која ги градеше модуларните болници

„Стоиме зад тоа што сме го направиле. Ние сме мирни, но жално е за луѓето што загинаа во несречата. Нашето искуство кажува дека е невозможно да се запали панел од контејнерот.Или е човечки фактор или е настаната некаква експлозија“, ексклузивно за ММС објасни управителот на компанијата „Ари и Том“ од Валандово, Роберт Том Исиров.

Тендерот за изградба на 17 модуларни болници во земјава, меѓу нив и тетовската, минатата година ги доби велешката фирма „Брако“. Преку заем од Светската банка, државата за таа намена исплати 3,6 милиони евра. Роберт и неговиот брат Аристотел раководат со фирмата „ЈБТ-Ари и Том ДООЕЛ“ која изгради пет од вкупно 19 модуларни болници во Македонија. Тие биле подизведувач на објектите во Гевгелија, Куманово, Струмица, Охрид и Ресен, но не и во Тетово.

Браќата сопственици на фирмата Ари и Том од Валандово

Роберт рано изутрина ја видел веста за пожарот во модуларната болница во Тетово и се шокирал кога видел дека изгорела целата конструкција на контејнерите.

– Имаме изградено 75% од камповите во Ирак за бази, монтажата беше наша. Сме граделе насекаде, но никаде не се случило ова. Да, некаде имало бомбардирање и биле оштетени контејнерите, но ваков пожар не се случил никаде. Тоа треба да биде многу голема температура затоа што има лим и внатре е полиетиленот.

Сабајлево видов и се запрепастив. Многу ми е чудно, не е можно вака да гори. Ќе видиме истрагата што ќе покаже. Панелите се сертифицирани и колку што знам, треба температура од најмалку 200 степени целзиусови за да се запали полиетиленот – изјави за ММС, Роберт Исиров.

Тој вели дека полиетиленот не можел да се запали ниту од инсталацијата, а тоа му го кажале и од фирмите во Италија со кои се консултирал изутринава.

– Се јавив во Италија во фирми што работат само тоа за да ги прашам, ми рекоа дека не е можно да се запали болницата од инсталацијата, освен од експлозија при што би се развила голема температура и ќе го запали панелот. Тие панели имаат сертификат, не можат сами од себе. Има панели што се огненоотпорни со камена волна, тие што се користат за фабрики каде што има поголем ризик од експлозија и пожар. Овие панели не се огненоотпорни, но треба да се развие висока температура. Знам дека објектите имаа технички прием и дадени се сите сертификати од материјалите што се користени во градбата- додаде  Роберт Том Исиров.

Неговиот брат Аристотел, кој откри дека семејната фирма освен на Блискиот исток, градела и во Мозамбик, Африка, рече дека за ваков пожар има различни икс-причини и дека ова му стои за чиста саботажа на болницата.

ММС стапи во контакт и со компанијата „Брако“ од Велес чиј мнозински сопственик е поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев, но оттаму ни рекоа дека нема да даваат изјави поради чувствителноста на темата и дека во текот на денот ќе излезат со официјално соопштение во врска со обвинувањата дека модуларните болници не се изградени по сите безбедносни стандарди.

Брако ги отфрла како шпекулации информациите дека има каква било поврзаност со несреќата во модуларната болница.

„ Во интерес на објективно информирање на јавноста, сакаме да потенцираме дека оној дел од работите кои беа наша одговорност при изградбата се реализирани согласно сите најсовремени стандарди за безбедност и квалитет. Пред техничкиот прием, сите позиции на работа кои беа наша обврска се тестирани и проверени, за што впрочем е доказ уредниот технички прием на објектот, кој е потоа предаден во употреба, а согласно ригорозните стандарди на Светската Банка како финансиер на проектот, а преку Проектната единица при Министерството за труд и социјална политика. Апелираме и повикуваме, оваа трагедија и губитокот на човечки животи да не се користи како средство за дневно политички и лични препукувања. Најостро ги демантираме сите шпекулации чија единствена цел е оцрнување на нашата компанија, а не откривањето на вистинските причини за трагичниот настан“, стои во соопштението на БРАКО.

Министерството за здравство, пак, денеска соопшти дека сите 19 модуларни ковид болници во земјата се градени по највисоки медицински и безбедносни стандарди, вклучувајќи ја и болницата во Тетово која се отвори после технички прием.

“При градбата на сите модуларни болници, вградените материјали се сертифицирани. Ковид центарот во Тетово е проектиран со три влеза, ходниците се широки 2,4 метри а парапетите на прозорите се ниски во случај на евакуација. Во објектот не е користено дрво и запазени се сите други потребни елементи за заштита. При пуштање во употреба, направен е уреден технички прием. При градбата има уредно документирани записници за незначителни технички забелешки – силиконирање лајсни на подот, нивелирање на сифон во тоалет, продолжување на дел од олуците сл. По овие барања, е постапено и истите се санирани пред пуштање во употреба и хоспитализација на пациенти. Овие документи ќе бидат доставени на увид на јавноста и медиумите уште денеска, информираат од Министерството.


Европската комисија во мај годинава донела препораки за заштита од пожарите во ковид-центрите бидејќи имало висок ризик од пожари поради огромните количества на кислород. Препораките се ажурирани на 13 јули годинава откако Европската комисија од почетокот на пандемијата до јуни регистрала 36 пожари во ковид-центри ширум Европа во кои се повредени или загинати над 200 луѓе.

Во препораките стои дека сите болници треба да имаат стратегија за управување со ризиците кои ги носи управувањето со кислород, односно сите да ги користат како пример стратегиите за безбедност при пожари предизвикани од хемиски реакции или запалливи материи.

Не е познато дали ковид-центрите во Македонија имаат вакви протоколи за работа.

Орце Костов

фото: Фејсбук,  Министерство за здравство