(Видео) Спортистите, а не политичарите, ни покажаа како се сака земјата во овие 30 години независност – ММС
ММС

Објавено на: 09/8/21 1:39 PM

(Видео) Спортистите, а не политичарите, ни покажаа како се сака земјата во овие 30 години независност

Ако некој нас не научи како се сака својата земја, тоа се спортистите кои во овие 30 години независност го носеа или го носат дресот на Македонија. Благодарение на нив, илјадници навивачи од сите краишта сплотени ги бодреа и се радуваа на успесите. Историското учество на фудбалската репрезентација на Македонија  на Европско првенство, како и сребрениот медал вреден злато на Дејан Георгиевски од Олимписките игри во Токио беа најубавиот подарок за 30 години независна Македонија.

А, приказната почна на 13 октомври 1993 година во Крањ, кога Македонија го одигра првиот фудбалски натпревар по осамостојувањето против Словенија.  Дарко Панчев, Илија Најдоски, Чедомир Јаневски, Горан Бошковски, неверојатна генерација која ни донесе победа од 4-1.

Седум години подоцна, Могамед Ибрахимов и го донесе првиот медал на Македонија како самостојна држава. Во борба за бронзениот медал во борење до 85 килограми, Моги го совлада противникот, а легендарниот коментатор, Зоран Михајлов за ММС неодамна го опиша најемотивниот момент во спортската историја.

– Помешани емоции беа на Олимпијада каде што освојуваш медал, во тој момент 300 мисли ми поминаа. Беше нерешено, имаше продолжение и чекав Ибрахимов да направи зафат за поен затоа што знаев што ќе следува. Но, тој направи зафат за четири поени и реков “Оваа е медал, прв за самостојна Македонија“ и емоциите проработеа и јас замолчев. Се јавуваат колегите од Скопје преку слушалки и прашаа дали сум бил жив, викам чекајте бе луѓе да се соземам – се присети Михајлов кој исто така во живо го коментираше и историското реми со Англија во Саутемптон  (2-2) во 2002 година.

А, на ова реми му претходеше уште поголем спортски успех: Кометал Ѓорче Петров на 19 мај 2002 година ја освои европската ракометна титула во женска конкуренција. Благодарност до златните девојки Нацева, Кастратовиќ, Чупиќ, Будимир, Платон, Велкова, Кисељова…

Трофејот во Лигата на шампионите кој нашиот најдобар фудбалер Горан Пандев го освои со Интер во 2010 година како да беше најава за можеби најуспешната спортска деценија за нашата земја. Немаше спорт кој на Македонија не и донесе светска слава. Не поради титулите, туку поради изненадувањата, другарството, обединувањето на земјата сплотеноста на обичните луѓе.

На 20 години од независноста, во 2011, Владо Илиевски со тројката во финишот против Литванија во четвртфиналето на Евробаскетот и донесе полуфинале на Македонија. Легендарната изјава  “Леле, луѓе што направивме“ ја фрли земјата во делириум и уште долго ќе одѕвонува во нашите сеќавања.

Пет месеци подоцна во Белград, јануари 2012 година, ракометарите ги делеше еден гол од полуфинале на Европското првенство, но и победата над Словенија и петтото место ги славевме како злато.

Фудбалскиот клуб Вардар можеби денес е второлигаш, но пред само четири години и донесе радост на Македонија кога го победи Фенербахче среде Истанбул и се пласираше во групите на Лига Европа.

Одбојкарите се редовни учесници на Европските првенства, во Европската лига неколкупати им бега златото.

Но, Македонија одамна не се радува на пласмани, туку на медали. Ракометарите на Вардар се погрижија за тоа со две едноподруго европски титули во Келн и два феноменални пречеци на плоштадот во Скопје.

Дејан Георгиевски  и сребрениот медал со златен сјај од Токио ова лето беа само цреша на тортата на успеси. Дејан загуби во финалето, но само за три часа ја обедини Македонија.

Фудбалерите конечно излегоа од сенката на ракометарите и фудбалерите и  предводени од Горан Пандев испишаа историја со пласманот и настапот на Еуро2020 пред неколку месеци. По триумфот над Германија од 2-1 во Дуизбург, апетитите пораснаа и сега публиката бара од Македонија нов подвиг на фудбалските херои – пласман на Светското првенство. А, тоа не е далеку, само е потребно вечерва на Денот на Независноста да им дадеме поддршка на момците да слават против Романија.

Македонски медиа сервис ви го честита Денот независноста, вам, најверната публика со моменти од Еуро2020 во Букурешт.

Навивајте и сакајте ја Македонија!

текст: Орце Костов

фото: Вангел Тануровски

видео: Орце Костов