Четири лица кои се здобиле со потешки повреди во сообраќајната несреќа што се случи на магистралниот пат Кичево-Гостивар во близина на Новоселски гробишта, се пренесени на Клиничкиот Центар во Скопје. Останатите лица се згрижени и им е укажана лекарска грижа.
Во сообраќајната несреќе повредени се вкупно седум лица, а едно лице го загуби животот.
– Непосредно по сообраќајката организиран е тим од медицински персонал кој ги прими повредените во ообраќајната несреќа. Тројца, поради сериозноста на повредите и не во животозагрозувачка состојба, се испратени на скопските клиники. Набрзо за Скопје е испратен уште еден пациент, а останатите тројца коишто биле донесени на Урегентното одделение се медицински згрижени, изјави за МИА директорот на гостиварската Општа болница „Ферид Мурад”, Јакуп Јакупи.
Меѓу полесно повредените, според болнички извори, е и осудениот во случајот „Рекет“ Зоран Милески – Кичеец, кој затворска казна ја издржува во затворот во Струга.
Директорот на затворот во Струга Ваљон Ќуља за МИА изјави дека осудениот Зоран Милески Кичеец, на негово барање, бил на прекин на казната од 11 август до 11 септември поради болест на неговата мајка.
За тоа како Кичеец се нашол на слобода официјално од Управата за извршување на санкции, пак, велат дека тој користел 30 дневно отсуство од затвор поради неодложни лекарски прегледи.
-Со одлука на Управата за извршување санкции, лицето Зоран Милески користи 30 дневно отсуство од затвор поради неодложни лекарски прегледи. Определеното време за медицински испитувања е од 08.08 до 08.09, се вели во одговорот од Управата.
Милески казната затвор ја издржува во отвореното одделение во затворот во Струга.
-Тој веќе има издржано повеќе од половина од затворската казна и до 08.09 треба да се врати на доиздржување на затворската казна, се нагласува во официјалниот одговор на Управата.
Зоран Милески призна вина за случајот „Рекет“, во кој се осудени и Катица Јанева и Бојан Јовановски и спогодбено доби најниската затворска казна. Милески е осуден на три години затвор, откако во декември 2019 година го призна делото за случајот „Рекет“ – примање награда за противзаконито влијание, информира МИА.