Државата не им дала 10.000 евра па параглајдеристите ќе собираат донации за да одат на Светско првенство – ММС
ММС

Објавено на: 09/2/21 12:54 PM

Државата не им дала 10.000 евра па параглајдеристите ќе собираат донации за да одат на Светско првенство

Македонската параглајдинг репрезентација преку донации бара 10.000 евра за да учествува на Светското првенство затоа што државата нема пари да ги поддржи.

„Нашата Македонија, можеби е мала земја но докажано раѓа спортисти со врвни квалитети. Во Параглајдингот можеме да се пофалиме дека имаме пилоти, херои, кои важат за едни од најдобрите во светот. Фактот дека Македонија го живее своето ‘златно време’ во овој спорт повторно се потврди годинава со врвните успеси, подиуми и победи, на нашите пилоти на повеке интернационални натпревари и со тоа, Македонската репрезентација е поканета од Интернационалната асоцијација да учествува во полн 4-член состав на претстојното Светско првенство 2021, кое ке се одржи од 31-ви Октомври до 13-ти Ноември во Аргентина.

За жал нашата земја во моментот не одвојува доволно средства за да се покријат трошоците за учество на Македонија на Светското првенство, а истовремено, нашите пилоти финансиски се целосно исцрпени од изминатите натпревари и не можат да ги покријат и овие трошоци, кои вкупно за целиот тим(патни трошоци, сместување и котизации) изнесуваат околу 10 000 евра.

Со цел да добиеме шанса да го претставиме спортскиот дух на Македонија, ги замолуваме сите кои имаат можност да помогнат преку донација и споделување на социјалните мрежи“, објави Македонскиот параглајдинг тим кој го сочинуваат Александар Гацевски, Дарко Станковски, Мартин Јовановски и Владимир Неделковски.

Четворица параглајдери од Македонија се пласираа на Светското првенство што од 31 октомври до 13 ноември ќе се одржи во Аргентина, а меѓу нив е и велешанецот Јован Северов кој е прва резерва на екипата доколку некој откаже.

Параглајдинг федерацијата и државата им порачале дека нема пари за овој спорт кој има долгогодишна традиција во Македонија, па затоа бараат милост од обичните граѓани и љубители на спортот да соберат околу 10.000 евра за да ги бранат боите на земјата во далечната Латинска Америка.

– Федерацијата не можеше да ни ги обезбеди и затоа им се обративме на луѓето. Отворивме сметка на тимот и јас се надевам дека ќе собереме барем дел од средствата. Не е првпат да си плаќаме трошоци за учество на некој настан, но ова е преголема сума и навистина ни треба помош. Параглајдингот не е од вчера спорт во Македонија. Пред само две години Крушево беше домаќин на Светско првенство, но државата се чини го заборавила тоа – изјави за ММС, Јован Северов кој 30 години се занимава со овој адреналински спорт.

Оние што сакаат да донираат средства, тоа можат да го направат тука.

Орце Костов