Денеска, свечено започна новата учебна година во СУГС „Браќа Миладиновци“ во Скопје, каде што присуствуваа и директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Коста Петров, и директорот на ЦЕЕД Македонија, Ѓорѓи Кушевски,
Учениците, наставниците и техничкиот персонал своите гости ги пречекаа во сопствениот зоопарк каде се одржа првиот училишен час. Да потсетиме дека ова училиште е единственото во нашата земја кое поседува сопствена зоолошка градина.
На првиот час, класните раководители им посакаат слатко добредојде на своите ученици со по една мала тегла мед, од сопственото производство на училиштето. Но, подарокот содржеше и една прекрасна порака со која на сите ученици им посакаа успех во новата учебна година: „Училишен мед. Ве учи дека на светот нема ништо послатко од сопственото знаење и сопствениот успех. Со среќа во новата учебна година.“
На настанот се обрати директорката на училиштето, Елизабета Ангелеска, која на сите ученици им посака да сонуваат и да ги следат своите соништа. Макар и само еден убав сон да се оствари, тоа веќе е голем успех.
На ова се надоврза и директорот Коста Петров кој рече дека Фондот за иновации и технолошки развој постои за остварување на соништата на младите иновативни луѓе, полни со идеи и желба за докажување во сопствената земја. Честитајќи им го почетокот на новата учебна година, им посака добро здравје и успех во изучувањето на предметите.