Треба да бидеме пример како се носи дресот на својата земја, најави Стефан Ристовски кој ја наследи капитенската лента од Пандев – ММС
ММС

Објавено на: 09/1/21 1:46 PM

Треба да бидеме пример како се носи дресот на својата земја, најави Стефан Ристовски кој ја наследи капитенската лента од Пандев

Селекторот Благоја Милевски и капитенот Стефан Ристовски попладнево на прес-конференција се оптимисти пред утрешниот натпревар на македонската фудбалска репрезентација против Ерменија во Скопје, во рамки на квалификациите за пласман на Светското првенство во 2022 година.

– Оптимист сум, иако немавме доволно време да ги пренесеме сите наши замисли и идеи. Но, верувам во фудбалерите и во нивниот професионализам. Тие се добри карактери и се адаптираат на сите нови замисли. Периодот е специфичен, многу од фудбалерите сè уште го немаат правиот натпреварувачки ритам, или имаат мала минутажа во своите клубови: Тоа може да биде наш проблем, но затоа се освежувањата во тимот. Знам дека ќе го дадат својот максимум и ќе потврдат дека со право се тука, изјави Милевски.

Селекторот посочи дека со збогувањето од националниот дрес на Горан Пандев, репрезентацијата во иднина мора да функционира како колектив.

– Сакам да ја искажам мојата благодарност до Пандев, Тричковски, Велковски кои веќе не се дел од репрезентацијата, а дадоа многу. Неминовно беше одредено освежување на тимот, иако голем дел од составот го сочинуваат фудбалери кои веќе беа тука. Сета наша концентрација е насочена кон тоа да функционираме како тим. Времето е кратко, но тоа што го видов од момците ми дава за право да бидеме позитивни

Капитенот Ристовски вети максимална ангажираност на сите фудбалери за успешен резултат против Ерменците.

– Голема чест за мене е што сум капитен на оваа репрезентација и благодарност до селекторот што ми ја даде довербата. Но, јас ќе кажам дека сите треба да бидеме пример како се носи дресот и да даваме максимум за својата држава. Фудбалот е веќе до степен да немаме многу време за размислување, кратко време за подготовки, три натпревари, имаме промени во составот, но доволно сме професионалци да продолжиме каде што застанавме. На теренот нема поделба на стари и млади. Сите треба да одговориме на предизвикот. Без разлика на промените доаѓаме од ЕП и мислам дека треба да гледаме позитивно и тоа да ни биде поттик за уште подобри резултати, изјави новиот македонски капитен.