Продолжува „трансфер лудилото“ на последниот ден од преодниот рок: Саул Нигез потпишува за Челзи – ММС
ММС

Објавено на: 08/31/21 8:52 PM

Продолжува „трансфер лудилото“ на последниот ден од преодниот рок: Саул Нигез потпишува за Челзи

Последниот ден на трансфер рокот на фудбалските фанови ширум светот вообичаено им носи возбуда и изненадувања, па така летниот преоден рок 2021. година, не само што не ги изневери очекувањата, туку може со сигурност да се вброи како еден од, ако не и најголемиот во историјата на фудбалот.

Играчот од средината на теренот на Атлетико Мадрид, Саул Нигез, пред потпис е со европскиот шампион Челзи, јавуваат англиските медиуми. Утрово еминентни медиуми објавија дека Саул Нигез ќе остане на „Ванда Метрополитано“ и оваа сезона, но работите на 31-ви август од минута во минута се менуваат и дваесет и шестгодишниот играч сепак на крајот ќе заврши во западен Лондон.

Саул ќе се придружи на Томас Тухел како позајмен играч, а Челзи ќе мора на Атлетико Мадрид за позајмицата да му исплати пет милиони евра. Следната година, „сините“ ќе имаат можност да го откупат Шпанецот од „јорганџиите“ за 35 милиони евра.

Репрезентативецот на Шпанија нема вечерва да пристигне во англиската престолнина и во Мадрид ќе ги заврши медицинските прегледи, додека клубовите ја средат потребната документација пред истекот на рокот во 24 часот на полноќ.

Втората трансфер-мета на Челзи од шпанска Примера, Жил Кунде, на крајот oстанува во Севиља, откако двата клубови не успеаа да се договорат за цената на францускиот дефанзивец.

 

 

Фото:

Twitter