СДСМ ги објави кандидатите за локалните избори: Христо Кондевски ќе „трча“ за Битола, Горан Герасимовски ќе бара мандат во Општина Центар – ММС
ММС

Објавено на: 08/31/21 4:41 PM

СДСМ ги објави кандидатите за локалните избори: Христо Кондевски ќе „трча“ за Битола, Горан Герасимовски ќе бара мандат во Општина Центар

Во Куманово, бастионот на партијата, СДСМ ќе се бори за градоначалнички мандат со само еден вистински кандидат, Оливер Илиевски. Актуелниот татко на градот „самиот е исклучен од СДСМ“, одејќи против себе и граѓаните, рече генералниот секретар на владејачката СДСМ, Љупчо Николовски.

Николовски ги објави и имињата на останатите кандидати за претстојните локални избори, а помеѓу нив се најдоа Горан Герасимовски за Општина Центар, во Општина Ѓорче Петров втор мандат од гласачите ќе бара повторно Александар Наумовски, додека пак во Шуто Оризари кандидадот на СДСМ ќе биде Асан Ферат.

Наташа Петровска нема по вторпат да се бори за градоначалничка позиција, бидејќи Христо Кондевски е избраниот кандидат за Битола. Никола Мисовски ќе „трча“ за Кривогаштани, додека пак во Струга, Димче Шпинкаровски е името кое го нуди Социјалдемократскиот сојуз на Македонија.

Кандидатот за Гевгелија е актуелниот градоначалник Сашко Поцков, во Струмица како што и беше познато досега, Констадин Костадинов, а во Дебрца односно Македонска Каменица, ќе се борат Игор Крцковски и Соња Стаменкова.

Живко Силјановски ќе ја бара довербата на граѓаните на Македонски Брод, во Чучер Сандево  кандидат е Сашко Комненовиќ, за Долнени е Аднан Џаферовски, додека во гостиварско Врапчиште, СДСМ ќе оди со Џазми Мамути.

Во Крива Паланка, убедлив фаворит според сите анкети и истражувања, кој ќе победи во првиот круг, според зборовите на Љупчо Николовски, ќе бара мандат Сашко Митовски. Радовиш е резервиран за Коле Черапчиев.

-Во отворена и демократска атмосфера, со сериозен пристап, дебати, истражувања и анализи, заедно со граѓаните и раководството дојдовме до избор на овие кандидати. СДСМ заедно со граѓаните ја заокружува најдобрата кадровска понуда пред граѓаните на 17-ти октомври, рече Николовски.

Тој нагласи дека во изминатите четири години реализирани се над 7.000 проекти на локални ниво, а општините ги вратиле своите долгови од претходно и сега имаме ликвидни општини кои се развиваат.

-Не се трошат парите на барок, на стиропор, на палми, туку на напредување на животот и квалитет на секого. За четири години изградени се 60 градинки, 80 училишта, 56 објекти на полиција, 34 здравствени установи. Над 1.040 километри пат од локално до национално ниво, вели генералниот секретар на СДСМ.

Од партијата се убедени во убедлива победа на локалните избори и продолжување на визијата и успешноста.

[д.ј.]

Фото:

Facebook / SDSM / Livestream / Screenshot