Издавачките куќи кои се членки на Конзорциумот на издавачи, книжари и печатари реагираат на неправилната распределба на средствата за издавачка дејност од страна на Министерството за култура според која најголемиот дел од парите оди на сметка на авторите, а многу малку за оние што ги издаваат.
„При распределбата на средствата за издавачка дејност оваа година направен е еден огромен превид и неправда кон издавачките куќи, па соодносот на распределбата на доделените средства е 70:30, па и 80: 20. Во претходните години тој сооднос беше 50:50 или во најлош случај 60:40 за авторот во однос на издавачот. А, сега, на пример, од доделените средства во износ од 140.000 денари за авторот се 100.000, а за издавачот се само 40.000 денари. Со овие средства издавачот или не е воопшто во можност да ја објави книгата, или треба да скратува на сметка на квалитетот, или да ја објави книгата со вложување сопствени средства. Но, за да не се случи издавачите да не ги објават книгите, или да бараат од авторите да им партиципираат средства, а да се зачува квалитетот и тиражот на изданието, предлагаме да се изврши корекција во соодност и тоа 50:50 или 50:60 како во претходните години. Зашто, да не заборавиме, издавачот ги има следниве трошоци: компјутерска подготовка, печатење, лектура, коректура, дизајн, илустрации, ЦИП, аплицирање, уредување, рецензирање и слично“, стои во соопштението.
Издавачите не бараат да им се скратува на авторите, туку да се води грижа и да им се надомести на издавачите кои во спротивно или нема да учествуваат на Конкурсот за издавачка дејност или ќе ги нарушат односите со авторите“, стои во писмото кое го потпишал професор д-р Христо Петрески, издавач и писател и претседател на Конзорциумот на издавачи, книжари и печатари.
О.К.