Министерството за здравство ќе им даде посебна грижа на граѓаните од Авганистан. На сите граѓани ќе им биде направен ПЦР-тест за Ковид-19 и ќе им биде проверен вакциналниот статус, истакна раководителката на Итната помош во Скопје, Милица Бубало која ги пречека Авганистанците на скопскиот аеродром.

– Доколку изразат желба да бидат вакцинирани, ќе добијат и вакцина. Ако некој од нив е позитивен на ковид, ќе биде во 14-дневна изолација.Од страна на педијатар и специјалисти ќе се оцени здравствената состојба на граѓаните. Со првото амбулантно возило беше однесена жена бремена во 39-та недела според нашите информации и голема е веројатноста да се породи, но не во моментов затоа што лекарката која ја прегледа рече дека нема знаци на породување. Четири бремени жени пристигнаа кај нас. Кај второто лице кое го однесовме со второто амбулантно возило се работеше за колапс – додаде Бубало.
Црвениот крст беше првиот контакт за граѓаните кои стигнаа од Авганистан, МВР ќе ги спорведе сите безбедносни проверки, а Министерството за здравство ќе обезбеди ПЦР тест и можност за вакцина. По пристигнувањето на Авганистанците ќе им бидат поделени пакети со храна и со автобуси ќе бидат однесени на здравствени прегледи. Авганистанските цивили ќе бидат веднаш преместени во хотели во периферијата во Скопје.

На граѓаните од Авганистан, кои имаат статус на лица со привремен престој им се издава виза за привремен престој од 90 дена, а потоа треба да заминат на друга безбедна дестинација или во САД.
Весна Миленковска
фото: Вангел Тануровски


