Портпаролот на талибанците, Забихула Муџахид, изјави дека извештаите покажале дека американските војници во паника пукале и убиле цивили по смртоносната експлозија на Меѓународниот аеродром „Хамид Карзаи“ во Кабул на 26 август, за која е одговорна терористичката група ДЕАШ-К, јавува Агенција Анадолија (АА).
Муџахид за АА рече дека најмалку 90 луѓе загинале, а 148 се повредени во нападот во близина на аеродромот.
„Извештајот што го добивме покажа дека американските војници отвориле оган врз толпата по нападот на аеродромот во Кабул. Имаше многу луѓе. Затоа цивилите, меѓу кои и жени и деца, ги загубија животите“, рече тој.
Додаде дека припадниците на талибанците успешно ја осигуруваат безбедноста и дека можат да се справат со структурите како што е ДЕАШ.
„Оставајќи ја 20-годишната војна зад себе, талибанците имаат способност да соберат прецизни и точни разузнавачки информации“, рече Муџахид и нагласи дека не им е потребна поддршка од ниедна земја во борбата против ДЕАШ.
Тој рече дека талибанците сакаат да имаат многу добри односи со Турција, наведувајќи дека турската јавност и државата се нивни пријатели.
„Постојат неколку причини зошто ова пријателство треба да продолжи“, рече тој.
Напоменувајќи дека талибанците имаат посебни сили за осигурување на безбедноста на аеродромот во Кабул, Муџахид рече дека нема да биде тешко да се осигури безбедноста на аеродромот бидејќи тоа го прават за целиот Авганистан и главниот град Кабул.
Што се однесува до логистичките и техничките потреби на Меѓународниот аеродром „Хамид Карзаи“, портпаролот на талибанците рече:
„Имавме разговори со Турција, ги уверивме дека нема да има никакви безбедносни проблеми, дека ќе се позанимаваме со потребите откако целосно ќе се погрижиме за аеродромот.“
Барајќи продолжување на турската поддршка за Авганистан, Муџахид рече:
„Сакаме да имаме економски односи со Турција. Потребна ни е поддршката од Турција во областа на образованието, како и претходно. Сакаме нивната помош да продолжи.“
Муџахид истакна дека финансиските проблеми, за кои рече дека се краткорочни, постепено ќе се решаваат по формирањето на владата.
„Авганистан веќе има свои приходи што се состојат од законски обврски и различни ресурси. Покрај тоа, ќе бараме поврат на парите што му припаѓаат на Авганистан, што се блокирани (во САД и Швајцарија, заб. ав.) по формирањето на владата“, појасни тој.
Истакнувајќи ја желбата на талибанците да продолжи помошта на Светската банка и разни меѓународни извори, Муџахид рече дека на авганистанската јавност, која до неодамна беше во војни, ѝ треба нивната помош на секое поле, особено хуманитарна и медицинска помош.
На прашањето каде е талибанскиот водач Мула Хибатулах Ахунџада, кој со години се криеше, Муџахид потврди дека се наоѓа во Кандахар, во јужен Авганистан.
„Името на нашиот водач не е на меѓународната црна листа. Затоа за него нема опасност. Хибатулах Ахунџада во моментов одржува состаноци во Кандахар“, потврди Муџахид.
Тој рече дека преговорите продолжуваат и со таџикистанскиот лидер Ахмад Масуд, кој се спротивставуваше да ја предаде талибанската провинција Паншир во Авганистан.
Истакнувајќи дека не сакаат судир во Паншир, портпаролот на талибанците рече:
„Ние не сакаме да се бориме. Се залагаме за преговори. Ако преговорите не успеат, подрачјето околу Паншир веќе е опкружено со талибанските сили. Ако сакаме, можеме да го преземеме за многу кратко време.“