Истекува рокот за собирање потписи за независни кандидатури на локалните избори – ММС
ММС

Објавено на: 08/30/21 7:22 AM

Истекува рокот за собирање потписи за независни кандидатури на локалните избори

Рокот за собирање потписи за независни кандидатури за градоначалници и советници за локалните избори закажани на 17 октомври завршува на полноќ. За овие избори има голем интерес за собирање потписи за независни кандидатури за неколку општини, а меѓу нив и за главниот град Скопје.

Досега се собрани потписи за 18 независни кандидати за градоначалници, а за уште 15 кандидати продолжува процедурата. Во подрачните одделенија и канцеларии на ДИК потребните потписите ги собрале и 38 независни групи избирачи за советнички листи, а за 26 се во тек.

Подрачните одделенија и канцеларии на ДИК ќе работат денеска до 24 часот, кога истекува законскиот рок за собирање потписи.

Во тек е и јавниот увид во Избирачкиот список, што завршува на 9 септември.

Заклучно со 28 август 2021 година, како што соопшти Државната изборна комисија, вкупно 7909 лица се провериле во Избирачкиот список

Од ДИК велат дека се поднесени вкупно 17 барања за запишување во Избирачкиот список, 12 барања за бришење на податоците од Избирачкиот список и осум барања за измена на податоците во Избирачкиот список.

Исто така, Државната изборна комисија информира дека на нивната мејл адреса „upisis@sec.mk“ се поднесени вкупно 23 барања.

Кандидатурите за градоначалници и за советници до Општинските изборни комисии се поднесуваат до 11 септември.

Ова ќе бидат први избори на којшто во земјата ќе се применат терминали за вчитување на отисоци од прсти. Првите 200 терминали се очекува во ДИК да бидат во текот на оваа недела по што ќе почне и едукацијата за нивна примена на изборите. Локалните избори ќе се одржат со мерки за заштита од Ковид-19.

МИА