ВМРО-ДПМНЕ и официјално застана зад Данела Арсовска, Мицкоски е убеден дека таа ќе го победи Шилегов – ММС
ММС

Објавено на: 08/29/21 2:12 PM

ВМРО-ДПМНЕ и официјално застана зад Данела Арсовска, Мицкоски е убеден дека таа ќе го победи Шилегов

Лидерот на најголемата опозициска партија, Христијан Мицкоски на прес-конференција пред партиската зграда на ВМРО-ДПМНЕ ја соопшти одлуката на Извршниот и Централниот комитет да ја поддржат Данела Арсовска за кандидат за градоначалник на Град Скопје. Мицкоски е убеден дека таа ќе биде идниот градоначалник на македонската престолнина и дека ќе го победи актуелниот градоначалник Петре Шилегов.

– Скопје нема луна парк, но затоа има бетон, бетон, бетон… А, бетонот го загрозува квалитетот на животот. Скопје не е центар на културни збиднувања, нема капитални проекти кои ќе ги решат клучните проблеми на градот, загадениот воздух, сообраќајниот хаос и потребата од зеленило. Причините се ароганцијата на кај градоначалникот и неисполнетите ветувања. Епилогот е создавање на апатија, гадење од политика и демотивација. Затоа на Скопје му е потребен менаџер. Скопје мора да стане град на сите луѓе. Затоа ИК и ЦК на ВМРО-ДПМНЕ донесоа одлука да ја поддржат Данела Арсовска – рече Мицкоски.

Данела Арсовска е на чело на Сојузот на стопански комори од 2014 година и е член на Советот за јавно приватно партнерство во Владата. Арсовска е магистер по економија.