Соработката со Алијанса за Албанците и Алтернатива е историски чекор за ВМРО-ДПМНЕ и Македонија, рече Мицкоски – ММС
ММС

Објавено на: 08/28/21 3:09 PM

Соработката со Алијанса за Албанците и Алтернатива е историски чекор за ВМРО-ДПМНЕ и Македонија, рече Мицкоски

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, при посетата во Берово, одговарајќи на новинарско прашање за соработката со Алијанса за Албанците и Алтернатива истакна дека тоа е еден историски чекор и за ВМРО-ДПМНЕ но и за Македонија.

– Направивме коалиција уште пред првиот круг на локалните избори во определени градови, ќе се подржуваме во определени општини, ќе се подржуваме на ниво на кандидати за градоначалници. Договорено е таму каде што коалицијата Алтернатива-Алијанса ќе има кандидат, ВМРО-ДПМНЕ да не кандидира и обратно таму каде што ќе има ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата Алијанса-Алтернатива да не кандидира, се разбира во тие општини каде таа соработка е договорена, рече Мицкоски.

Тој посочи дека ова е коалиција која ќе ги победи поделбите, криминалот и корупцијата и ќе покаже дека Македонија има можности со политичари кои се надвор од матрицата на СДСМ и ДУИ.

– Очекувам оваа коалиција да ги победи поделбите, безнадежноста, криминалот, корупцијата, безидејноста, неспособноста, немањето визија и стратегија за развој на Македонија, историски момент за сите граѓани без разлика на етничката припадност, да покажеме дека навистина Македонија има можности и со други политичари кои што се надвор од матрицата  на СДСМ и ДУИ и дека може поинаку и дека не треба да се губи надежта и дека најдобрите времиња допрва доаѓаат, нагласи Мицкоски.

Мицкоски ја искористи приликата да го честита големиот православен христијански празник Пресвета Богородица, на православните христијани и им посака здравје, среќа и успех на сите граѓани во Македонија, без разлика на вероисповеста.

-Денеска е голем ден за православните христијани и очекувам она кое што како порака ќе пристигне од храмовите, но и од политичарите да биде порака на обединување, а не порака на поделби, порака на надеж, а не порака на разочарување како што за жал е денешното секојдневие. Ова се моменти кога навистина сите треба да се надминеме себе си, да ги надминеме нашите разлики без разлика дали се тоа политички или човечки, да си подадеме рака еден на друг и еден на друг да бидеме пријател, додаде лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ,

Мицкоски од Берово го честиташе и денот на рударите, на оние кои секојдневно се во рударските окна кои што се борат да ги прехранат своите семејства.

 

МИА