Трагедијата која се случи во Берово и големата поддршка која граѓаните на Малешевијата ја добија од Словенија потврди дека поддршката од пријателите мора да се зајакне на повисоко ниво преку креирање политики за дополнителна соработка во насока на справување со пожарите. Ова го истакна министерката за одбрана Радмила Шеќеринска која со својот словенечки колега Матеј Тонин беа во работна посета на Општина Берово.
-Токму поради Берово се договоривме дека во рамки на нашата стратешка одбранбена определба ќе биде зајакнувањето на политиките за соработка против пожарите во рамки на политиките за заштита и спасување. Словенија има големо искуство, тоа се виде и во Берово и сакаме да го искористиме и едното и другото. Министерот беше дополнително пријателски настроен да понуди шанса за нашите пожарникари да заминат на обука за Словенија и да обезбедат опрема која ќе биде донирана на нашите противпожарни одделенија, но и да зборуваме за како да го реформираме целиот систем за кој планираме да процесираме заедничка програма, истакна Шеќеринска.
Берово, според министерката, ги зближи пожарникарите, општините и државите и за неа е од особено значење дека заедничката врска помеѓу двете држави ќе се памети засекогаш и дека истата ќе биде зајакната.
Заменикот премиер и министер за одбрана Тонин истакна дека било задоволство да се помогне на пријателите кога најмногу имало потреба за тоа.
-Веднаш се одзвавме на повикот со праќање на противпожарни екипи, опрема, и што бевме дел од успешната акција за победа над пожарите за да се спаси она што беше неопходно да се спаси за што сме многу горди. Да не испадне дека се шегувам, но Берово е најпознатиот македонски град во Словенија, бидејки луѓето со внимание ги следеа вестите од овде за време на пожарите. Берово цело време беше присутно во медиумите, така што нашите срца беа целосно со вас во тоа време и на крајот на краиштата радосни сме што немаше човечки и материјални штети, рече Тонин.
Посочи дека Словенија како дел од заедничките разговори со Министерството за одбрана ќе продолжи со поддршката во делот на противпожарната заштита особено преку донации како поддршка за пожарникарите и воедно изрази благодарност до граѓаните што Словенија е во нивните срца.
Градоначалникот на Берово, Звонко Пекевски изрази благодарност за заложбата на Министерсвото за одбрана кое според него било од огромно значење бргу да се реагира во справувањето со огнената стихија.
-И самите на лице место бевте сведоци што се случуваше во Малешевијата. Верувам дека и во иднина ќе ја продолжиме таа акција или како да ја наречеме помош која за Берово ќе значи многу за унапредување на односите со некоја од општините од Словенија кои помогнаа, рече Пекевски.
Во знак на благодарност за огромната помош која Словенија ја пружи во насока на справување на пожарите во Малешевијата, Општина Берово додели благодарници на заменик премиерот Тонин, министерката Шеќеринска како и на амбасадорот на Словенија Милан Предан.
МИА