Бајден: САД ќе ги фатат терористите и ќе одговорат со сила и прецизност – ММС
ММС

Објавено на: 08/27/21 1:53 PM

Бајден: САД ќе ги фатат терористите и ќе одговорат со сила и прецизност

Американскиот претседател Џо Бајден потврди дека нападите пред аеродромот во Кабул, Авганистан, во кој загинаа најмалку 13 американски војници, биле извршени од страна на терористичката организација ДЕАШ-К, авганистански огранок на ДЕАШ, и вети дека ќе одговори со сила и прецизност, јавува Агенција Анадолија (АА).

Осврнувајќи се на ДЕАШ-К, „непријателот на талибанците“, Бајден рече дека нема да простат, нема да заборават, ќе ги гонат и ќе ги натераат да платат.

Давајќи изјава од Белата куќа во врска со терористичкиот напад пред Меѓународниот аеродром „Хамид Карзаи“, тој рече дека Соединетите Американски Држави (САД) ќе ги продолжат евакуациите, додека се прават планови за напад на терористичката организација ДЕАШ-К.

„Америка нема да биде заплашена“, нагласи тој.

Повеќе експлозии го потресоа главниот град на Авганистан вчера, вклучително и две надвор од аеродромот во Кабул, при што загинаа десетици, а над 140 беа ранети, според извештаите на медиумите и дописникот на Агенција Анадолија.

– Не постои заговор меѓу талибанците и ДЕАШ-К –

Во своето обраќање до нацијата, Бајден побара од Американците да му се придружат во моментот на тишина „за сите во униформа“.

„Оние Американци кои загинаа беа херои кои се обидуваа да ги спасат животите на другите“, рече тој. „Бесни сме и срцето ни е скршено.“

„Имаме одредени причини да веруваме дека знаеме кои се, но не сме сигурни и ќе најдеме начини да ги пронајдеме“, рече тој.

Бајден нагласи дека не постои доказ за заговор меѓу талибанците и ДЕАШ-К во последните напади во Кабул.

Американскиот претседател истакна дека ДЕАШ -К, „непријателот на талибанците“, планирал комплексен напад и затоа е толку решен да го ограничи опсегот на операцијата во Авганистан.

Осврнувајќи се на талибанците, тој рече дека никој не им верува. „Ние само сметаме на нивниот личен интерес да продолжат да ги генерираат нивните активности, и во нивни личен интерес е да ги напуштиме кога кажавме и да извадиме колку повеќе луѓе можеме.“

„Талибанците не се добри, но тие имаат голем интерес да се обидат да го одржат аеродромот во Кабул отворен“, додаде тој.

– Ранливите категории Авганистанци –

Во врска со ранливите Авганистанци, Бајден рече дека извлекувањето на „секој човек“ од Кабул „не може да се гарантира“.

„Велам дека ќе продолжиме да се обидуваме да ги извлечеме до 31 август“, рече тој.

Бајден нагласи дека американски државјани, поседувачи на зелена карта и специјална имигрантска виза и Авганистанци им помогнале, и дека имало и други кои контактирале со САД дека експресно сакаат да го напуштат Авганистан, додавајќи дека ќе се обидат да ги евакуираат во следните неколку дена.

Тој истакна дека бројот на евакуирани лица од Авганистан од 14 август надминал 100.000.

САД ќе одговорат на нападите во Кабул „со сила на прецизност во наше време, на место што ќе го избереме, во момент по наша желба“, рече тој.

Бајден, исто така, нагласи дека им наредил на американските команданти да развијат оперативни планови „за удар врз имотот на ДЕАШ-К, раководството и нејзините капацитети“, додавајќи дека тие можат да испратат дополнителни сили во Авганистан доколку е потребно.

„Целосно ја сносам одговорноста за сѐ што се случи“, додаде тој.

„Никогаш не сум мислел да жртвувам американски животи за да воспоставиме демократска влада во Авганистан, која никогаш не била обединета, туку составена од племиња кои никогаш не се согласувале“, рече претседателот.

– Ќе ги убиеме терористите, каде и да се –

По Бајден, на прес-конференцијата се приклучи и портпаролката на Белата куќа, Џен Псаки, која зборуваше за најновите случувања по нападот во Кабул.

„Ќе ги фатиме овие терористи и ќе ги убиеме, каде и да се“, рече таа, осврнувајќи се на терористичката организација ДЕАШ-К.

Псаки истакна дека американските воени команданти и понатаму сметаат дека е суштински битно да го напуштат Кабул до крајниот рок, 31 август.

Таа исто така рече дека околу 7.000 луѓе се евакуирани во последните 12-13 часа од Авганистан, додавајќи дека во тек се разговорите со талибанците за тоа како да се координираат за излегување на Американците и нивните сојузници од Авганистан по 31 август.

„Ние сме во директен контакт со секој американски државјанин [во Авганистан]“, рече таа.

Подоцна во текот на денот, во чест на жртвите од нападот во Кабул, Бајден нареди знамето на државата во Белата куќа да се вее на половина копје, како и на сите јавни згради и терени, на сите воени пунктови и поморски станици, на сите поморски возила и други слични места, до зајдисонце на 30 август.

„Исто така, упатувам знамето да се вее на половина копје во исто време во сите американски амбасади, дипломатски и конзуларни претставништва и други објекти во странство, вклучувајќи ги и сите воени објекти и поморски бродови и станици“, се вели во соопштението.