Родителите кои имаат хронично болно дете ќе треба да ја докажат неговата болест со медицинска документација од соодветна овластена здравствена установа, доколку сакаат тоа да ја следи наставата онлајн. Ова за Македонски медиа сервис го посочуваат од Министерството за образование и наука, откако во јавноста се појавија нејаснотии кај родителите, пред почетокот на новата учебна година.
Освен децата со попреченост, ретка или хронична болест, наставата од далечина ќе може да ја следат и децата чии родители ќе докажат дека постои немедицинска причина за тоа.
-Немедицинска е секоја причина која не произлегува од одредена хронична болест на ученикот или член во семејството, атипичен развој на ученикот и слично, но сепак иницира оправданост за да може ученикот да не посетува настава со физичко присуство во училница како би се намалиле евентуалните ризици од дополнителни компликации на состојбата. Во вакви ситуации, учениците односно нивните родители/старатели преку непосреден контакт со наставниците и раководството на училиштето носат заедничка одлука за вклученост на ученикот во наставата преку друга форма – велат од МОН.
Оттаму не одговорија конкретно на прашањето како ќе ја следат наставата децата кои ќе останат во своите домови, додека останатите ќе бидат училница. Ги прашавме дали предавањата ќе се пренесуваат во живо, на што од МОН посочија дека училиштата се подготвени да доставуваат материјали до секој ученик кој е спречен да ја посетува наставата во училница.
Во однос на хронично болните просветни работници, од ресорното Министерство сметаат дека тие треба да се вакцинираат, за да го намалат ризикот од заразување со коронавирусот.
-МОН заедно со Министерството за здравство им овозможува на сите наставници да се имунизираат преку примање вакцина, со цел да го намалат ризикот од евентуално заболување од ковид. Ова важи и особено би требало да биде прифатено од вработените во училиштата кои имаа хронични болести и МОН постојано упатува апел да се искористи правото на вакцинација- изјавија од оваа институција.
Откако оттаму најавија дека наставата ќе се одвива со физичко присуство, дел од родителите преку петиција реагираа дека се дискриминирани и побараа да може да одберат онлајн настава без бирократски процедури. Од МОН не го коментираат нивниот став за дискриминција, но потенцираат дека наставата со физичко присуство е најдобрата опција за учениците и не постои друга подобра алтернатива за задоволување на нивните интереси.
МОН и Владата подолг период навестуваат дека заложбите се во новата учебна година училиштата да бидат целосно отворени за сите ученици по усвоени посебни здравствени протоколи, а тоа е препорака и на УНИЦЕФ како организација која работи во областа на заштита и унапредување на детските права.
Според надлежните, отсуството од училиште не само што влијае на знаењето на учениците, туку влијае и на нивната социјализација и правилен психофизички развој.
-МОН продолжува да носи одлуки исклучиво во најдобар интерес на учениците, а како што напоменавме исклучок од одлуката за настава со физичко присуство се однесува на деца со ретки болести или попречености, деца кои доаѓаат од семејства со хронично болни семејства, по барање на родителите, како и други немедицински причини со дозвола на училиштето – се додава во писмениот одговор до ММС.
Начинот на следење на наставата ги подели родителите во ставовите, но и едните и другите бараат средба со ресорната министерка, Мила Царовска.
Своите аргументи ги образложија на прес конференција. Додека едните бараат право на избор за онлајн настава со отстранување на обврската за доставување документации, другите кои се за настава со физичко присуство се против најавените образовни реформи, вклучително и новата концепција.
(В.Ми)