„Јутјуб“ објави дека отстранил повеќе од еден милион видеа што содржат дезинформации за Ковид-19 – ММС
ММС

Објавено на: 08/26/21 11:14 AM

„Јутјуб“ објави дека отстранил повеќе од еден милион видеа што содржат дезинформации за Ковид-19

„Јутјуб“ објави дека од почетокот на епидемијата на новиот тип коронавирус (Ковид -19) досега, од платформата се отстранети повеќе од 1 милион видеа што „опасно дезинформираат“ за епидемијата, известува Агенција Анадолија (АА).

Главниот директор за производи на „Јутјуб“, Нил Мохан, за веб-страницата на компанијата изјави дека од февруари 2020 година досега, компанијата отстранила повеќе од 1 милион видеа кои „опасно дезинформираат со тврдење дека епидемијата е лажна или предлагаат лажни лекови“.

Нагласувајќи дека политиката на „Јутјуб“ е да ги отстрани содржините што можат да предизвикаат штета во реалниот свет, Мохан истакна дека им се потребни јасни вистини за да ги откријат дезинформациите.

Мохан изјави дека тие се потпираат на консензус на експертски институции како што се Центрите за превенција и контрола на болести (CDC) и Светската здравствена организација (WHO), со цел да ги следат научните случувања во светот поврзани со Ковид-19.

Наведувајќи дека дезинформацијата не е секогаш многу јасна, Мохан нагласи дека во отсуство на точни информации, не е во ред технолошките компании да поставуваат ограничувања.

Објаснувајќи дека додека работат на забрзување на процесот на отстранување видеа што содржат дезинформации, во исто време објавуваат видеа од сигурни извори, Мохан продолжи со зборовите: „Луѓето повеќе не се потпираат врз бројот на прегледи на вестите или информациите, туку врз резултати кои се оптимизирани врз основа на квалитетот.“

„Јутјуб“ објави и дека од изборите во САД одржани во ноември минатата година, досега, отстранил илјадници видеа што содржат изборни дезинформации, од кои повеќето биле отстранети пред да достигнат 100 гледачи.