Доколку мислевте дека трансферот на Лео Меси од Барселона во Париз Сен Жермен е најголемото нешто што ќе се случи во летниот трансфер период, можеби и сте избрзале со заклучокот. Потенцијалниот премин на Килијан Мбапе од ПСЖ во Реал Мадрид и особено неизвесната иднина на супер-ѕвездата Кристијано Роналдо, ќе ги „тресат“ последните денови од трансфер рокот.
Португалецот не беше дел од стартниот состав на Јувентус во првото коло од новата сезона во Сериа А против Удинезе, наводно поради незадоволство, испраќајќи порака до челниците на црно-белите дека време е за друг предизвик.
Останувањето на Хари Кејн во Тотенхем и стеснувањето на трансфер целите од навалната линија во ситните часови во август, го натера англискиот шампион очајно да бара замена за Серхио Агуеро во шпицот на нападот за да може да се одбрани од налетите на амбициозните Челзи, Ливерпул и Манчестер Јунајтед во Премиер Лигата.
Ниту помалку, ниту повеќе, замената за Аргентинецот во планерите на Пеп Гвардиола е токму Кристијано Роналдо. Според италијанскиот експерт за трансфери, Џанлука Ди Марцио, Сити е сериозно заинтересиран за услугите на поранешниот играч на Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед, но не би сакал да плати оштета од 25 милиони евра, сума што е поставена од Јувентус при потенцијална продажба.
Покрај тоа, пречка за овој мега-трансфер би претставувалa и формата на истиот. Јувентус во пакетот за Роналдо освен 25-те милиони евра, го сакале во замена и бразилскиот напаѓач Габриел Жесус, додека пак Гвардиола не покажувал интенции да го вклучи Жесус во било каков трансфер ова лето.
За „старата дама“, Роналдо во 134 настапи во сите натпреварувања, постигна 101 погодок и успешно додаваше во 22 наврати.
Дали ќе се оствари враќањето на Роналдо во најдобрата светска клупска лига, но овојпат во светлосиниот дел од Манчестер, останува да видиме во следните пет дена.
[д.ј.]
Фото:
Twitter / @goal