Сопругата на легендарниот Формула 1 возач, Михаел Шумахер, Корина Шумахер, за медиумите даде ретко интервју и тоа во склоп на најавата на документарниот филм за неговиот живот кој ќе биде прикажан за отприлика еден месец.
Во филмот ќе бидат прикажани досега невидени снимки, а во објавениот трејлер неговото семејство му оддава чест на неговиот силен карактер и волја да продолжи да се бори за живот после тешката несреќа доживеана на скијање пред осум години.
-Чувствував дека тој е посебен. Мислам дека е едноставно ментално јак и исклучително силен. И секој ден ми го покажува тоа, изјавила Корина која со Михаел е во брак цели 26 години и многумина изненадила со своето обраќање кон јавноста.
Освен неа, за Михаел ќе говори и неговиот син Мик, исто така дел од Формула 1 светот. Во филмот ќе биде прикажана неверојатната кариера на возачот, од периодот кога возел картинг како дете па сè до рекордниот седми триумф во најпрестижното автомобилско натпреварување.
Братот на Михаел, Ралф Шумахер, колегите Себастијан Фетел и Давид Култхард, како и еден од водечките луѓе на Ф1, Берни Еклстоун, ќе се појават на филмското платно во негова чест. Менаџерката на Михаел Шумахер, Сабина Кем, документарецот го опишала како семеен подарок за саканиот сопруг и татко.
-Михаел Шумахер го редефинираше професионалниот имиџ на тркачки возач и постави нови стандарди. Во потрага по совршенство не се штедеше себеси, ниту пак својот тим, доведувајќи ги до најголеми успеи. Со цел да ја зачува својата приватна сфера како извор на сила, секогаш ригорозно и доследно правеше дистинкција од приватниот и јавниот живот. Овој филм ќе говори за двата света, тоа е подарок за неговото семејство, својот сакан сопруг и татко, заклучи Кем.
Извор:
dnevnik.hr
Фото:
thesportsrush.com