Телевизија 21 пред малку информираше дека денес на релација Врапчиште- Гостивар – Скопје се случувале сцени од познатиот филм „Викенд на мртовци“, во кое се потресени две семејства на една жена и еден маж, кои починале на Инфективна клиника.
Според ТВ 21 едно семејство од Врапчиште наместо телото на нивната почината мајка Љ.Е. (61), добило тело на непознат маж. Семејството за телевизијата вели дека откако го прифатиле телото тогаш виделе дека наместо нивната мајка, во ковчегот е сместено тело на маж, па се упатиле кон Инфективната клиника во Скопје, каде починала жената да го бараат нејзиното тело. По неколку часа телото на нивната мајка било пронајдено во Гостивар.
По скандалот се огласи и Министерството за здравство од каде демантираат дека вината е кај нив.
-Ниту една здравствена установа во државата, ниту КИБФС не направила таква грешка. Сите болници и ковид центри во целост го почитуваат протоколот за постапување со тела на починати лица во болнички услови сомнителни или потврдени на Ковид 19. По настапувањето на смртта и подготовка на телото согласно протоколите за заштита од Ковид 19, веднаш се повикува Јавно комунално претпријатие на општината или Бутел-погребен сервис АД Скопје за Град Скопје на кои им се предава телото. Погребалните претпријатија, а не болниците, го доставуваат телото на семејството и го организираат погребот, информираат од МЗ.
Фото: Скриншот од ТВ 21