Политички калкуланти, лаги и корупција ни ги одземаат шансите за нормален живот – Данела Аровска независен кандидат за градоначалник на Скопје – ММС
ММС

Објавено на: 08/25/21 2:14 PM

Политички калкуланти, лаги и корупција ни ги одземаат шансите за нормален живот – Данела Аровска независен кандидат за градоначалник на Скопје

Данела Арсовска, актуелен претседател на Сојузот на стопански комори денес на својот Фејсбук профил ја објави кандидатурата за независен кандидат за градоначалник на Скопје. Данела, за која иминатиов период, речиси и беше сигурно, дека ќе биде кандидат за Скопје од редовите на ВМРО ДПМНЕ, денес изненади со информацијата дека ќе се кандидира независно.
ММС се обиде да стапи во контакт со Арсовска, но таа не одгововараше на повиците.
На Фејсбук пак, побара поддршка од граѓаните , односно од „чесните луѓе кои сакаат промени“.
-Доаѓа крајот на политички агенди и лажни ветувања. Политички калкуланти, лаги и корупција континуирано ни ги одземаат шансите за нормален живот. Заткулисни игри предолго го окупираат градот и неговото функционирање, а незадоволството кај граѓаните континуирано се зголемува.
Или ќе стоиме на страна или ќе се спротивставиме и ќе почнеме заедно да ги менуваме работите. Партизираност на институциите или одлучност и професионалност за пристоен живот!
Време е да се одбере – празни ветувања, нереализирани проекти или вредни, способни и исполнителни личности кои нема да потпаднат под политички притисоци и нема да се откажат од својата визија. Не бараме лажни ветувања кои никогаш нема да бидат исполнети од страна на политичарите, напиша таа меѓу другото.