Македонските туристи да се тестираат додека се во самоизолација по враќањето од одмор, бара туристичката комора – ММС
ММС

Објавено на: 08/25/21 1:42 PM

Македонските туристи да се тестираат додека се во самоизолација по враќањето од одмор, бара туристичката комора

Граѓаните преку туристичките агенции се пожалија дека од 1 септември двапати ќе прават ПЦР тестови, еднаш дома, а вториот пат во странство поради новите мерки за влез во Македонија со што ќе се зголемат непотребно нивните трошоци за летување.

Она што туристичките агенциии го шпекулираа дека може да се изменат протоколите, односно од 1 септември граѓаните кои не се вакцинирани и патуваат со ПЦР тестови во странство, на враќање да не прават тестови во странска земја за влез во Македонија како што наложуваат новите мерки од 01.09, туку да имаат право да влезат во Македонија и тука да се тестираат, денес дојде како предлог од Стопанската комора за туризам на Македонија.

Комората бара измена на условите за влез во државата, на македонските граѓани кои нема да влезат со еден од наведените документи и кои ќе бидат упатени во домашна изолација да им се дозволи во рок од 24 часа да извршат тестирање во домашна лабораторија и доколу имаат негативен резултат да бидат ослободени од самоизолација. Ова барање било доставено до министерствата за здравство и за економија.

ММС побара одговор од Владата дали ќе се изменат мерките од 1 септември кои беа донесени на нејзината 99. Седница, а оттаму потврдија само дека ќе важат мерките кои веќе се донесени. Според мерките, во Македонија домашни и странски државјани ќе можат да влезат доколку претходно на граничниот премин приложат сертификат за извршена вакцинација, односно примени најмалку две дози на вакцина против заразната болест КОВИД-19, сертификат/потврда за прележан Ковид-19 во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето или медицинска потврда со негативен резултат од RT PCR SARS-CoV-2 тест, направен 72 часа пред влез на територијата на Македонија.

За нашите граѓани кои ќе се враќаат во земјата по 1 септември, а немаат ПЦР тест, или потврди за примена вакцина или за прележан вирус ќе се одреди мерка карантин од 7 дена домашна изолација со решение од Државниот санитарен и здравствен инспекторат.

Странските државјани кои транзитираат низ земјата ќе можат да го направат тоа во рок од 5 часа со претходно потпишана изјава на влезот во земјата која ќе треба да ја приложат пред граничната контрола на излезот од државата.

 

О.К.