Хари Кејн: Останувам во Тотенхем летово – ММС
ММС

Објавено на: 08/25/21 1:26 PM

Хари Кејн: Останувам во Тотенхем летово

Втората трансфер-драма летово, онаа по месиевата со Барселона, се оконча на шест дена пред истекот на преодниот рок.

Напаѓачот на Тотенхем, Хари Кејн, кој по завршувањето на ланската сезона реши да го напушти клубот и да се пресели на поамбициозно место, сепак уште една кампања ќе игра во „белиот дрес“, а најзагреаните за неговите услуги, Манчестер Сити, по сите изгледи ќе останат со „куси ракави“.

Хари Кејн на крајот се одлучил да ја почитува одлуката на Тотенхем и Даниел Леви и да се врати на регуларните тренинг обврски и професионалниот живот. Раководството на англискиот првак во повеќе наврати нудеше големи суми за ангажирање на фантастичниот напаѓач, а последната од 150 милиони евра, како што пренесуваат англиските медиуми, била експресно одбиена.

Вклучувањето на играчи како Габриел Жесус и Ајмерик Лапорте во трансфер пакет потенцијално примамлив за Тотенхем, не успеаа да го разниша јасниот став на Даниел Леви познат помеѓу фудбалските кругови уште од први јуни годинава: Хари Кејн останува во Тотенхем и Тотенхем нема да прифати никаква понуда за него.

Новиот спортски директор на Тотенхем, Фабио Паратичи, наследникот на Жозе Мурињо и Рајан Мејсон на клупата на Спарси, Нуно Еспирито Санто и самиот Даниел Леви, секојдневно разговарале со англискиот фудбалер со цел да го убедат да остане барем уште една година во англиската престолина. И се чини дека мисијата е успешна.

На социјалната мрежа „Твитер“, Хари Кејн објави дека е среќен поради огромната поддршка од навивачите на дуелот против Волвс во Премиер Лигата и најави, на големо задоволство токму на фановите, дека останува во клубот и ова лето.

-Неверојатно беше да се види поддршката на фановите на Спарс во недела и да се прочитаат некои од пораките за поддршка кои ми пристигнаа изминатите неколку седмици. Останувам во Тотенхем ова лето и ќе бидам 100 отсто фокусиран да му помогнам на тимот во остварувањето на успех, напиша Кејн.

Шансата за искупување Кејн ќе ја има уште викендов против Ватфорд на домашен терен.

 

 

 

[д.ј.]

Фото:

Twitter