Еден од најголемите рокенрол тапанари во историјата и 12-иот рангиран на листата од 100 најдобри тапанари на списанието „Ролинг Стон“ од 2016 година, Чарли Вотс, вчера почина на 80-годишна возраст, објавија од неговиот бенд.
Вотс починал во лондонската болница опкружен од своето најтесно семејство, а трагичната вест е објавена неколку седмици откако беше потврдено дека Вотс ќе ја пропушти турнејата на Стонси низ САД, поради итна операција и влошена здравствена состојба.
-Со огромна тага ве известуваме за смртта на нашиот драг и сакан Чарли Вотс. Почина мирно во лондонската болница опкружен со неговото семејство. Чарли беше сакан сопруг, татко и дедо, а исто така и член на групата „Ролинг Стонс“, еден од најголемите тапанари на својата генерација. Ве молиме во овие тешки моменти да се почитува неговата приватност и приватноста на семејството, членовите на бендот и блиските пријатели, стоеше во соопштението на неговиот портпарол кое го пренесоа „Ролинг Стонс“ на социјалните мрежи.
— The Rolling Stones (@RollingStones) August 24, 2021
Чарлс Роберт Вотс, роден е во Лондон на втори јуни, 1941. година. Дел е од легендарниот рокенрол состав од 1963.година, кога им се придружува на Мик Џегер, Кит Ричардс и Брајан Џонс. Пред да стане „хол оф фејмер“ и икона на жанрот, Вотс бил „навлечен“ на џез музика и свирел бенџо.
Многубројни колеги од светот на музиката, филмот и уметноста, вклучувајќи ги Елтон Џон, Пол МекКарти, Дејв Грол, се збогуваа од Вотс, опишувајќи го како „еден од најголемите“.
Фото:
loudwire.com