На Тетово му се случува цунами со 250 амбулантски прегледи за 24 часа. Тоа е рекорден број прегледани пациенти од почетокот на пандемијата, а од болницата очекуваат оваа бројка да расте.
-Добивањето тешка клиничка слика за многу краток период е најголемиот проблем со мутираниот вирус, кој во Тетово одзеде голем број на човечки животи. Изминатово деноноќие десет лица ја загубија битката со Ковид-19 во Клиничката болница Тетово, меѓу кои и 36-годишна жена. Пациентите доаѓаат со тешка клиничка слика која им се појавила за кратко време. Таков е случајот и со 36-годишната жена која почина од вирусот веднаш по приемот, велат од Ковид центарот.
-За жал се’ уште имаме голем прој пациенти за прегледи, хоспитализирани, па починати, а 118 се на кислородна поддршка. Сите се во тешка здравствена состојба, сите со коморбидитети. Tie и онака имаат тешка здравствена состојба, а сега со короната уште потешко. Сите што беа донесени беа во тешка здравстена состојба, па имаше случаи да починат, а ниту еден ден да не лежат во болница. Ни претстојат тешки денови, ќе има нови и нови хоспитализации. А имам чувство како граѓаните да заборавија на пандемија. Се однесуваат како да не се информирани, не знам каде е вината за тоа ама нема дисциплина. Нема почитување на мерките, нема дистанца, нема маска, нема дезинфекција на раце. Многу од младите имаат симптоми, а не се јавуваат на лекар. Позитивни се, а си излегуваат, се шетаат си се дружат со пријатели. Би рекол дека дека таргетот тука треба да биде, тие се група која го инфицира другиот дел од населението. Тие се или асимптоматични или со многу лесни симптоми. Мислам дека решение би било само скрининг кај младите ама тоа е тешко изводливо. Останува на крај само вакцинацијата, но не по секоја цена, со дисциплина и со почитување на мерките, рече доктор Гзим Нуредини.
А што се однесува до младата жена на 36-годишна возраст, која почина, д-р Нуредини рече:
„Имаше ендокринолошка болест, зголемена тежина и висок крвен притисок“.
Од болницата велат дека и сите починати биле со коморбидитети. Но, големата бројка не им дава добар знак дека состојбата со вирусот во Тетово брзо ќе се смири, затоа што голем дел од тие пациенти се веќе потенцијални за хоспитализација. А имало и такви кои сами се лечеле, сами земале терапија.
Според д-р Нуредини вакцинација е единствениот спас, а од Кризниот штаб на Општина Тетово најавуваат отворање на нови регионални пунктови за имунизација.
Зоран Димовски