Невакцинирани продавачи чекаат вакцинирани муштерии – Трговските центри зјаат празни поради чудните Ковид мерки – ММС
ММС

Објавено на: 08/25/21 10:22 AM

Невакцинирани продавачи чекаат вакцинирани муштерии – Трговските центри зјаат празни поради чудните Ковид мерки

Новите мерки за заштита на здравјето на населението од Ковид-19 кои Владата ги воведе од минатата недела, ги испразнија трговските центри и угостителските објекти, а граѓаните и дел од стручната јавност жестоко реагираа на нелогичните епидемиолошки мерки.

Според новите протоколи за влез во угостителските објекти, во затворениот дел на моловите, без разлика на капацитетот и бројот на присутни посетители како и за настани од секаков вид како свадба, роденден, концерт, обука, работнилница или спортски настан, задолжително е поседување, приложување и проверка на сертификат за извршена имунизација со примена најмалку прва доза вакцина против Ковид-19 или сертификат за прележан Ковид во последните 45 дена сметајќи од денот на оздравувањето за лица над 18-годишна возраст.

Трговските центри мора да имаат редарска служба која ќе ја спроведува мерката и ќе ги проверува вакцинираните муштерии, но нема да ги проверува и вработените кои немаат обврска да бидат вакцинирани затоа што влегуваат од службени влезови и носат маски при извршување на задачите.
ММС побара одговор од Министерството за здравство и од Владата дали вработените во трговските центри, продавниците и угостителските објекти треба да бидат вакцинирани со оглед на тоа дека ќе примаат само вакцинирани потрошувачи и би биле ризик за потрошувачите и зошто маските не се доволна заштита за влез во трговски центри, кога нивното користење претходно се сметаше за ефикасно.

“Ви посочуваме дека вработените во моловите , угостителските, објекти влегуваат од службени влезови, носат маски при извршувањето на работата. Вакцинацијата против КОВИД-19  во државата не е задолжителна, меѓутоа се препорачува граѓаните да се вакцинираат, да  бидат вакцинирани. Во целиот свет е така, вакцинацијата е најсигурна заштита од вирусот и е единствениот начин да излеземе од пандемијата и да го вратиме назад животот во нормала. Целта на мерките е да се спречи концентрација на поголема група невакцинирани граѓани на едно место. Во моментот е најважно да се спречи ширењето на коронавирусот  и да се заштити здравјето на населението во нашата држава, тоа е и целта на донесените одлуки, мерки и препораки  од страна на Владата, а се препорака на Комисијата за заразни болести“, рекоа од Владата за ММС и признаа дека овие мерки се донесени и меѓудругото за стимулирање на процесот на имунизација.

„Должност на Владата е да го заштити јавното здравје и да ја стимулира вакцинацијата како единствено и силно оружје за борба со пандемијата“.

Но, за да биде парадоксот уште поголем, истите вработени во објектите во трговските центри или угостителските објекти, откако ќе им заврши работното време и ќе излезат од службениот влез на објектот, нема да може да влезат во друг објект ако не поседуваат вакцинален сертификат.

– Работам во угостителски објект во трговски центар. Пред четири месеци прележав Ковид-19. Матичниот лекар ме посоветува дека треба да почекам шест месеци за да се вакцинирам затоа што се уште имам природен имунитет. Парадоксот е во тоа што јас работам во објект во кој влегувам од службен влез невакцинирана и носам маска, но не можам да влезам во истиот објект како гостин после завршувањето на работното време – изјави за ММС, вработена во кафуле во еден од трговските центри во Скопје.

Орце Костов

фото: Вангел Тануровски