Ви недостига енергија? Пет најчести причини поради кои постојано сте уморни – ММС
ММС

Објавено на: 08/24/21 1:53 PM

Ви недостига енергија? Пет најчести причини поради кои постојано сте уморни

Вообичаено е да имате чувство на умор по напорниот работен ден, но доколку постојано сте уморни дури и кога сте наспани, можеби се работи за сигнал со кој вашето тело ве предупредува дека нешто не е во ред. Уморот може да биде симптом за бројни здравствени проблеми, па добро би било да проверите за што станува збор, наместо недостигот на енергија да го решавате со дополнителна доза кафе или енергетски пијалок. Во повеќето случаи, уморот е предизвикан од начинот на живот.

Ако сте забележале дека често сте уморни или ако постојано чувствувате дека немате енергија, би требало да посетите лекар. За почеток, најдобро е да направите проверка на крвната слика, по што лекарот ќе одлучи дали ќе бидете испратени на дополнителни испитувања.

Најчести причини кои може да предизвикаат умор:

Јадете премногу јаглехидрати

Намирниците кои се богати со јаглехидрати се добар извор на енергија, но многу е важно да разликувате добри од лоши јаглехидрати. Лошите јаглехидрати се оние кои се наоѓаат во нездравата храна како што се колачите и пекарските производи. Тие делуваат така што го качуваат нивото на шеќер во крвта. Бидејќи нивото на шеќер го качуваат нагло, кога тој ќе падне, се чувствуваме уморно и исцрпено. Сакајќи што побргу да си ја зголемиме енергијата, тогаш инстиктивно посегаме по уште една порција рафинирани јаглехидрати, а тоа води кон „затворен круг“. Бројни студии покажале дека намалениот внес на шеќери и процесуирани јаглехидрати го зголемува нивото на енергија кај повеќето луѓе.

Седечки начин на живот

Недостигот на физички активности и седечкиот начин на живот предизвикуваат бројни здравствени пореметувања, а тоа води кон умор. Токму поради исцрпеноста луѓето избегнуваат да вежбаат, но истражувањата покажуваат дека редовната физичка активност го намалува уморот и позитивно влијае на енергијата. Ако седите многу, на секои неколку часа станете и прошетајте или пак, направете неколку едноставни вежби за истегнување. Движете се што повеќе и потрудете се да поминувате што е можно повеќе време на чист воздух.

Недоволно сон

Покрај лошиот начин на хранење, недостигот на сон е еден од најчестите фактори кои водат кон недостиг на умор. На нашето тело му е потребен квалитетен сон, а по квалитетно отспана ноќ ќе се чувствуваме посвежо, будно и енергично. Важно е да се воспостави здрава рутина на спиење и да се спие минимум по 7 до 8 часа во текот на ноќта. Несоницата може да предизвика безволност и недостиг на енергија. Ако сакате да имате квалитетен сон, потрудете се секој ден да заспивате во исто време. Ако имате проблеми со несоница, пробајте техники за опуштање како што е медитацијата или слушајте музика за опуштање.

Високо ниво на стрес

Хроничниот стрес лошо влијае на квалитетот на живот, а предизвикува и пад на енергијата. Иако сите се соочуваме со одредено ниво на стрес на дневна основа, ако сте постојано под голем стрес и притисок, тоа може негативно да се одрази на вашето ниво на енергија. Начинот на кој реагираме на стресот влијае на тоа колку уморно ќе се чувствуваме, а студиите покажуваат дека најголем умор чувствуваат луѓето кои избегнуваат да се соочат со стресот. Од таа причина, многу важно е да научите да управувате со стресот практикувајќи техники за опушттање, кои барем ќе го сведат на минимум.

Дехидрација

Хидратацијата односно внесувањето доволно количини течности е важно за одржување добро ниво на енергија во телото. На нашиот организам му е потребна вода за да може да ги извршува сите свои функции, а кога не внесуваме доволно течности се јавува дехидрација. Бројни студии покажале дека дури и благата дехидрација може да предизвика пад на енергијата, односно умор и недостиг на концентрација. Освен умор, како симптоми на дехидрацијата може да се јават и жед, главоболка и вртоглавица.

 

Извор:  zena.rtl.hr