Идејата на четворица музичари кои имаа концепт за музика, преку нивната комуникација ја создадоа „Љубојна“, во која останаа да творат двајца, Вера Милошевска Јосифовска и Оливер Јосифовски кои до ден денес се столбот на составот и како звучната љубов се врти околу еден стожер, идејата на Вера и Оли.
Со дефиниција, Вера ја опишува страста кон музиката, заедничка комуникација, творештвото, животот, согласувањето, конфронтацијата кон музиката, се што се случува околу музиката е во овој столб.
„Еден вљубеник во музика, луд басист, композитор и продуцент и една смела пејачка која сега влегува и во кантавторски води, која сака да научи продуцентски финти и која сака „Љубојна“ да остане идеја за музика и јадро околу кое ќе се движат и вртат многу музичари“, вели Вера по повод 20 години од постоење на групата во интервју за ММС.
Таа вели дека кулминација во музиката не постои туку како ја градиш приказната, и како секој следен проект има сценарио, звукот се менува и тоа ја прави групата зрела.
„20 години се огромно истражување во музиката. И сите тие проекти кои што сме ги правеле до сега, и кои сега во моментов ги правиме имаат една развојна линија, почнале од некаде и се движат и затоа не можам да зборувам за врв. Бидејќи за мене врв би значел некој крај. Повеќе го гледам како „пекинџинг“, дали групата го постигнува тој „пекиџинг“ што го сака .. Пример има еден момент кога си правиш свој звук и тој звук како понатаму ќе го продуцираш, каков израз ќе му дадеш тоа е веќе понатамошна идеја, но можеби тоа е некој си врв што еве јас го гледам. А инаку кога ќе си ја видам километражата, кога ќе треба низ материјалите да „тарашкам“, албумите, постерите, памфлетите, објавите, си велам „уф мајку му“… навистина има киломометража, навистина било големо“, вели Вера.
Вера и Оли брачната идила одлично ја пресликуваат и во музичкото творештво. Вера вели конфронтации мора да има, но на ниво на дебатирање со изложување на аргументи, за да биде функционално.
-Бендот сега не е во фаза да се договараме „јас сакам ова, ти сакаш она“, ние разговараме дали функционира во моменталната музика „ова“ или не функционира, зошто да и зошто не. И тоа веќе е една сосема поинаква комуникација и таа веќе е многу релаксирана комуникација, дури мислам дека некогаш е симпатична бидејќи доаѓаш до некои заеднички идеи, раскажува Вера.
„Лено мори“ е веќе бренд и синоним за „Љубојна“. Па ја прашавме Вера дали им пречи тоа што ги поврзуваат со оваа песна и дали им е здодеана да ја пеат на концерти, затоа Вера на ова кажа „Лено“ застана во антологијата рамо до рамо со „Јовано, Јованке“.
„Не е лошо да имаш една тема која влегла во антологија без разлика на тоа што таа не е наша авторска тема, но авторско дело е изразот на која што ние ја дадовме и на тој начин таа се популаризираше благодарение на изразот на „Љубојна“. Инаку таа песна постои многу пред „Љубојна“, не е нова песна. Ми се допаѓа затоа што „Љубојна“ придонесе „Лено“ да застане во антологијата до „Јовано, Јованке“, не е малку тоа, тоа е многу важно. Затоа што тоа е поентата на музиката, таа треба да живее меѓу луѓето, а „Лено“ живее секаде. Стана „преварени шпагети“, „Лено мори“ стана преџвакана но не слушнав некој да ја отсвири како што треба да се отсвири затоа што песната има некои внатрешни свои правила, кои ако не ги почитуваш нема да е истата песна“, вели Вера, и додава дека истиот успех на песната би сакала да биде постигнат и до песната „Јас и ти“ која е напишана пред две години.
„Тоа беше толку еден жежок ден, во кои термините беа толку густи од концерт до концерт што немавме кога да одиме подолго на одмор или некаде на разладување, релаксација. И така седејќи едно утро и една вечер се роди „Јас и ти“. Си разбудив нешто што ме посети на најубавото време поминато во Битола, а најубавото време во Битола ми било навечер кога сме излегувале, уште испарува калдрмата ти чекаш да се видиш со тој што го сакаш, таа што ја сакаш, а тоа трае долго до рани утрински часови, па се криеш по сокачиња. Нема поубаво. Јас иако сум во Скопје родена, растена сум во Битола затоа што секое лето одев кај баба ми, многу добро го знам тој живот, ноќен битолски. Мирисот на липите, звук на латино, не можам да објаснам, импулс е и со тој импулс се роди „Јас и ти“. И би сакала публиката „Јас и ти“ да ја прифати онака како што „Лено мори“ ја прифти. Колку повеќе различни теми нудиш толку публиката има повеќе шанси да и се допаднат да и си рашири. Факт е дека тоа кога влегува во рацете на публиката многу брзо се шири, музиката е вирулентна“, раскажа Вера.
Во пандемискиот и карантинскиот период, Вера вели дека не застанале со работа, тие го снимиле новиот проект кој треба да излезе како винил дигитално издание, музиката од македонскиот филм „Стела“, со кој албум „Љубојна“ отвора нова врата во своето творештво. Музиката на винилот е на Оливер Јосифовски во изведба секако на „Љубојна“.
„Се посветивме и на други проекти што ги работевме, филм, театар, онлајн концерти, се појавиваме на Таксират, снимивме концерт „Музика во време на корона“, летото имавме пет концерти на отворено, не можам да кажам дека сосема згасна се за нас, но светот застана и тоа што недостасуваше во музичкото поле беше комуникацијата. Затоа што музика од комуникацијата се раѓа, публиката, мешањето на идеите, тоа не струеше така со тој интезитет, но и ние не знаеме какви ситуации не чекаат во иднина. Музиката мора да се движи без разлика на се, не може да стои, но со кој интезитет тоа никој не може да го знае. Може да се работи на тоа, да се лобира, да го насочува, но не може да го одреди, предвиди, ама не смее да запре“, вели Вера.
Таа смета дека на Македонија и се случи еден друг кризен период во однос на музиката, како тоа дали имаме музика, кој ја создава, кој ја носи. Таа вели дека не и се допаѓа тоа што во момент на криза не се направи ништо да се создадат услови, затоа што, како што вели, ако можеше да има протокол за милион други настани, сигурно можеше да има и за музички концерти, па макар и со 10 луѓе.
Насоката за традиционална музика и игра при ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“ е катедарата на која Вера работи како професор. За оваа нејзина улога кажа дека е многу среќна и големо задоволство и е што е професор на една млада генерација.
„Чуден е склопот на медиумската поддршка околу македонската музика, па и можам да кажам дека е на минимално ниво или скоро и да ја нема и ние не можеме да очекуваме дека ќе дојдат запознаени и ќе знаат што се случува на оваа сцена, а не зборувам за она што е база, традиционалната музика во сите земји се изучува во склоп на училишниот систем и е база . Она што ти сакаш да им го пренесеш, начинот на кој што сакаш да им го пренесеш, идеите и новите различни концепти околу музиката, зошто јас музиката ја пренесувам како дел од светот, не ја пренесувам локално изолирано и не правам од моите ученици негувачи на наследството. Јас правам од моите ученици продолжувачи на идејата, а тие само го учат богатството, големината на базата на податоци во врска со таа музика. Колку повеќе ора, песни, дела знаеш толку повеќе законитоста на таа музика ја знаеш и тогаш низ тој канал можеш да комуницираш со секоја светска музика, зошто тоа е нивото како се учи било која музика во светот“, вели Вера.
Вера вели дека тоа се деца кои сите пејат, кои се мултиинструменталисти , танцуваат, учат ора, етнологија, етнокореологија, учат пеење, но не само практично пеење, учат цела теорија во однос на македонската музика затоа што дојдовме до тоа сознание во модерниов свет- една е музиката, комбинациите, начинот на изразот тоа е оригинално.
„Можам да кажам дека во однос на државните музички училишта е една од најпродуктивните насоки, оваа традициска насока во склоп со училиштето. Тоа се деца кои од старт се учат што и како се прави на сцена, кое е твоето присуство на сцена. Јас многу често ги вклучувам и во прокетите кои „Љубојна“ ги работи, ете во зимата божиќното коледе кое што го снимивме, на огромна радост секој пат иницира Отец Партениј, навистина предрага личност и преголем естета, познавач и визионер во однос на музиката и многу други нешта во однос на духовната култура во Македонија и тука беа вклучени многу мои ученици, чие задоволство немаше крај. Тука беа вклучени асистенти кои не облекуваа,тоа се деца кои имаат можност да ја запознаваат светска музика и оваа музика да ја запознаат, имаат многу отворени прозорчиња за во иднина. Важно е во цела Македонија да има вакви институции, или отсеци во рамките на институциите“, вели Вера.
Оваа година Љубојна прославува 20 години постоење, а јубилејот го прославија со серија концерти, на кои акцнетот беше ставен на битолскиот концерт каде и што се роди „Љубојна“.
„Ова лето имавме многу убава комуникација со Давор Јордановски нашиот познат композитор, продуцент, музичар, кој долги години живее во Канда, меѓутоа на македонската сцена познат. Се роди една толку убава комуникација, тука ни тргнаа концертите во нов саунд, во поп нов звук, по примамлив за мене во овој момент. Заедно до Давор Јордановски имаме соработка на неколку песни со негов ангажман, а бевме дел од неговиот проект „Вода“ со кој се затвори овогодишниот фестивал „Скопско лето“, ијзави Вера за ММС.
За нејзините деца Јован и Јана, Вера раскажува дека Јован повеќе е надарен и заинтересиран за музика, отколку Јана која повеќе сака да слуша музика.
„Јован минатата година се запиша на музичко, и има голема желба за музика. Двете деца се талентирани, ама Јован покажува желба дека сака тоа да го учи и работи, а на Јана повеќе и е задоволство да слуша, не влегува во тој свет, не и е тоа основниот интерес. А Јован сака, учи пијано, тамбура и солфеш се заедно. Неговото прво оставарување беше за четири часа учење имаше задача да ја научи „Го пратиле дедо в планина“ и влеговме во студио и ја снимаше. Јас се воодушевив и така почнаа да се дружи со тамбурата. Од летово има и сашче малечко, некако повеќе е заинтересиран за жичани инструменти и мислам дека и ќе пее. Јован има голем потенцијал за пеење“, раскажа Вера.
Успешно завршена година 😎🤩😁 благодариме ЕМЦ НАШИ НОТИ, а особено благодарам за Robert Angelovski за сета љубов и трпение
Posted by Vera Miloshevska-Josifovska on Sunday, July 4, 2021
За соработките со младите и талентирани изведувачи, вели кога ја сакаш музиката и кога вложуваш во неа природно е да имаш соработка со такви луѓе. Вера зборуваше и за соработката со „Фанк Шуи“ кои во пандемиски услови, односно месец март ја објавија заедничката песна „Не време“.
„Прво ние сме ептен пријатели, приватно многу се сакаме и некако тие соработки така си почнуваат. Имам луѓе од кои што јас учам, взаемно си учиме од нашите идеи и искуства, луѓе на новата генерација кои имаат нова идеја, многу различна и убава, искрена и моќна. Така треба да струи музичката енергија, треба да се допира до секоја публика до сите можни изрази, музиката мора да се пробува во различна суштина, луѓе, само така нејзиниот живот има смисла и нови креативни нешта. Таа мене ми е една од најдрагите и најубави соработки со „Фак Шуи“. Работевме на заедничкиот проект и прва изведба на музиката од филмот „Стела“ заедно со музичари од новата генерација како Лука Георгиевски, Мартина Баракоска, Драги Иванов, Елена Весова и Јаков Наумовски“, вели Вера.
За крај од интервјуто Вера потенцираше дека немаме концертни простори и доволно фестивали, како и поддршка од медиумите. Вели дека треба да се седне и да се донесе јасна визија што ќе се прави до продукцијата на македонската музка.
„Мора накај некаде да оди, не може да се потпираме само на творештвото на музичарите, зошто денеска ништо не се создава без пазар, тоа се вика културна политика и бизнис во културата. Фалат клубски простори за концерт, затоа што тука луѓето најмногу во опуштена атмосфера се запознаваат со музиката на групите, емисии во живо на радио, разговор и емисии со свирење во живо“, порача Вера за крај.
Габриела Додевска