(ВИДЕО) Прослава на годината во Премиер Лигата: Антонио се израдува со неговиот двојник – ММС
ММС

Објавено на: 08/24/21 10:48 AM

(ВИДЕО) Прослава на годината во Премиер Лигата: Антонио се израдува со неговиот двојник

Во историјата на Премиер Лигата, ниту еден фудбалер на Вест Хем не постигнал повеќе погодоци од Англичанецот со јамајканско потекло, Михаил Антонио. Со вчерашните два гола против ланскиот освојувач на ФА Купот, Лестер, Антонио се искачи на врвот на скорерската листа кај „чеканџиите“ со 49.постигнат гол.

Вест Хем по две кола, продолжи по ист манир од изминатата кампања во најдобрата англиска дивизија, победувајќи во воведните два меча со постигнати четири голови и прво место на табелата пред Челзи и Ливерпул. Шпанецот, Пабло Форналс, по додавањето на препородениот Саид Бенрахма го совлада Каспер Шмајхел, единствениот поединец во редовите на „лисиците“ на висина на задачата.

Црвениот картон на невнимателниот Ајозе Перез при крајот на полувремето, ја одреди судбината на Лестер во голема мера. Антонио одлично ја искористи грешката на Чаглар Сојунчу и го проигра слободниот Бенрахма, кој рутински го пронајде патот кон мрежата на гостите. Последните десет минути од двобојот се покажаа како кобни за Лестер, а исклучително среќни за јамајканскиот напаѓач кој кариерата во Вест Хем ја започна како продорен десен бек. Еден од двата голови, вкупно четири сезонава, Антонио го прослави на невообичаен и бескрајно симпатичен начин, ретко виден во Англија во последниот период.

Робусниот напаѓач и новата „деветка“ на Вест Хем, истрча кон френетичната публика на „Олимпискиот стадион“ во Лондон и го прослави голот и рекордот заедно со неговиот картонски двојник. Од каде „картонската верзија на Антонио“ се најде на стадионот, никој не знае, но дефинитивно – добро е што беше тука и што посведочивме на една ваква епска прослава.

 

-Па, зборувавме порано неделава и јас не помислив на таква прослава додека немавме таков разговор. И си помислив „знаете што, знаете што ќе биде најдобро?“, некој последен танц. Да истрчам до некого и тој да ме крене во воздух, како бебе. Јас да бидам бебе. Но потоа сфатив дека имам 94 килограми и никој нема да биде бејбиситер со мене. И затоа одлучив картонскиот-јас да го кренам самиот во воздух, изјави Антонио за „BBC Sport“.

Во третото коло кое ќе заземе место викендов, Вест Хем го дочекува на домашен терен Кристал Палас во малото лондонско дерби и ќе се обиде да ја продолжи победничката низа пред интернационалната пауза.

 

 

 

[д.ј]

Фото:

Twitter / @Sporf