Летната суша не го одмина ни Дојранското езеро чие ниво веќе видно паѓа последниот период, што поодамна се нема случено.
Во последните години езерото бележеше спротивен тренд на постојано искачување на нивото, со оглед на тоа што временските услови беа поволни, а дотур на вода доаѓаше и од секојдневното работење на хидроцентралата.
Но се чини и ова езеро нe го издржa притисокот од над 40 степени целзиусови континуирана температура на воздухот, па мерењата покажаа пад на езерското ниво, потврдува Златко Талески, известувач од Дојран за Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
– Нивото на Дојранското езеро од месец март кога било околу 230 метри сега е паднато на 192 метри, а тоа се должи на тоа што подолго време нема врнежи од дожд, а и хидросистемот не врши дополна на вода. Друг факт е што кога веќе доаѓа септември езерското ниво секогаш се намалува, и тоа нагло, од околу 30 до 40 сантиметри, така е секоја година – вели известувачот.
Талески смета дека езерското ниво до официјалниот крај на летото можно е да се намали за уште 15 до 20 сантиметри, како резултат на подолготрајната суша, претходните високи температури и ветерот, посебно доколку е ветер од северен правец. Ова лето, и високата измерена температура на водата од 28 степени придонела за полесно испарување на езерото во најврелите денови.
Дојранското езеро во изминатите години, поради поволните временски услови и пролетните дождови, како и снегот од повисоките места во зимските месеци, но и со постојаниот дотур на вода од електричната хидроцентрала, бележеше одржување на високо ниво, кое дури во одредени периоди направи и штета на локалните власти со прелевање на водата и рушење на делови од патеката на крајбрежјето.
Роза Шулева