Царовска категорична, наставата ќе започне од училница – ММС
ММС

Објавено на: 08/23/21 7:26 PM

Царовска категорична, наставата ќе започне од училница

Министерството за образование останува на одлуката наставата оваа учебна година да започне онлајн. Ова денеска го повтори и министерката Мила Царовска при нејзината посета на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, кој инаку одлучи наставата да ја започне онлајн.

– МОН уште во јуни подготви три сценарија. Првото сценарио, настава со физичко присуство, е и најпосакувано и секако предложено од меѓународните организации. Училишниот систем се подготвува за него, но секако доколку здравствените власти утврдат дека има потреба за друго сценарио, хибриден модел или дел од учениците да се од дома, дел од училиште, ние сме спремни. Во моментов сепак одлуката е за физичко присуство, бидејќи според искуството од лани, немаше интерна трансмисија, а во највисок интерес на учениците е тие да бидат во училница, рече Царовска.

Министерката денеска се сретна со студентите на УГД кои лани заедно со другите нивни колеги, од МОН побараа да се удвојат студентските стипендии, да се воведе субвенциониран оброк и да се вратат стипендиите за втор и трет циклус студии.

– Барањата ние им ги исполнивме. Социјалните стипендии се зголемија двојно, ако порано тие беа од три до четири илјади денари, сега сите се изедначени и се 6.050 денари. Тече повикот за субвенционирање на студентски оброк и сите треба да добијат 2.400 денари. Студентите од природните науки ќе добијат можност да аплицираат за стипендии од 18.000 денари поради тоа што има дефицит кај овие струки. За втор циклус студии студентите ќе добиваат девет илјади денари, а за трет циклус 18 илјади денари, потенцира Царовска.

Студентите на УГД кои денеска се сретнаа со Царовска, упатија голема благодарност, за како што велат, прифаќањето на нивните барања и за соработката.

– Конечно нашите желби и барања се одобрени, се надеваме на идни средби и оти и понатамошните барања ќе ни бидат исполнети, истакна Ване Дериволов, претседател на Студентското собрание при УГД.

Ректорот на УГД вели дека универзитетот им припаѓа на студентите, па затоа тие ги поддржуваат активностите кои се во насока на квалитетно образование и студирање и решавање на проблемите на студентите, а ги спроведува МОН.

УГД годинава ќе понуди околу 300 стипендии за најдобрите средношколци кои ќе се запишат на универзитетот. Освен овие, студентите на УГД имаат и доста можности да добијат и стипендии од бизнис заедницата.