Делта сојот не’ надитри, треба да се вакцинираат 80% од граѓаните за колективен имунитет – тврди министерот – ММС
ММС

Објавено на: 08/23/21 1:41 PM

Делта сојот не’ надитри, треба да се вакцинираат 80% од граѓаните за колективен имунитет – тврди министерот

Во јавноста веќе извесно време се дискутира за тоа кои антитела се подолготрајни – дали тие со природно стекнат имунитет, или оние со вакцина. Министерот за здравство, Венко Филипче денеска одговарајќи на новинарско прашање колку штитат едните, а колку другите антитела, посочи дека имунитетот од вакцината е многу подолготраен и поефикасен.

„Она што сакаме да го постигнеме со нашата препорака, е граѓаните што поскоро да се вакцинираат. Затоа оставаме 15 дена за да што порано се стекнат со подолготраен имунитет. На тој начин постигнуваме две работи – оние што ја прележале болеста да стекнат подолготраен имунитет, но и да го заштитиме здравствениот систем. Со оваа мерка сакаме кај граѓаните што прележале да поттикнеме развивање вакцинален имунитет и здравствениот систем да го заштитиме од нови бранови“, изјави Филипче на денешната заедничка прес конференција со Заев.

Прашан колку од прележаните повторно се инфицирале и колкумина од нив завршиле во болница,а  колку со смртен исход, министерот истакна дека за тоа ќе има и анализа.

„Таа анализа ја најавивме пред неколку дена, има некои бројки кои не се целосни, а сакаме да ги потврдиме. Тогаш кога ќе ги добиеме од сите болнички установи, а сега се лечат пациенти во сите болници.  Ќе ги споделиме сите информации кога ќе ги собереме бројките“, кусо посочи Филипче.

Потсетувајќи го на изјавите дека имунитетот трае од 6 до 9 месеци, а вакцинацијата почна февруари-март, новинарите го прашаа Филипче дали ќе има и трета доза вакцина, на што тој одговори дека се очекуваат резултатите од последните и најнови анализи.

Во однос на имунитетот, тоа се студиите кои ги имаме и за имунитетот од прележани и за вакцините бидејќи толку време е поминато од почетокот на процесот на вакцинација секаде во светот. Во таа смисла, тие студии и таа компаративна анализа која укажува дека вакциналниот имунитет е потраен. Тоа што сега го очекуваме согласно новите и последни анализи е дали е потребна и трета доза вакцина. Засега има официјален став и американската FDА агенција за трета доза кај имунокомпромитирани лица, за што има препорака на нашиот Комитет за имунизација“, посочи министерот.

Осврнувајќи се на вакцинацијата кај вработените во образовните институции во пресрет на новата учебна година, рече дека во училиштата ширум државата опфатот на вакцинација е околу 65 отсто, а сличен е процентот и кај вработените во градинките. Тој рече дека во континуитет трае повикот до МОН и МТСП за таквиот опфат дополнително да се зголеми. Во однос пак, на имунизацијата на здравствените работници, рече дека оние кои работеле со ковид пациенти веќе се стопроцентно вакцинирани, а вкупниот број е околу 75 проценти.

Иако претходно тврдеше дека е потребно да се вакцинираат 65 до 70 проценти од вкупното население за да постигнеме колективен имунитет, министерот денеска призна дека таквите претпоставки се измениле.

-Имаше мала измена во претпоставките од почетокот, со оглед на тоа дека новиот сој кој сега е доминантен во цела Европа полесно се пренесува. Во таа смисла, потребен е опфат над 80 проценти. Ние кај повозрасните групи имаме прилично добар опфат, сега добро е што се зголемува интересот за вакцинација. Во просек изминатите денови околу 12 илјади граѓани се јавуваат да примаат прва доза и тоа е одличен сигнал. Очигледно пораката стигнала, но за сегашниот актуелен сој се смета дека треба да имаме опфат од 80 % – додаде Филипче.

Прашан од што ќе зависи олабавувањето на рестрикциите, тој нагласи дека кога се носат мерките се анализираат повеќе фактори, но дека но се’ укажува на тоа оти колективниот имунитет ќе ја смени сликата за пандемијата.

„Затоа акцентот се става на вакцинацијата, се’ друго сметаме дека не е долгорочно решение. Огромен е товарот и притисокот во болниците и тука има целосна реорганизација. Сега имаме механизам тоа да го спречиме, видовме што значи преотеперетени болници, а имаме инструмент тоа да го спречиме. Само вакцинацијата ќе ги спречи лекарите и сестрите од прекувремена работа, болниците од огромен притисок и секако, ќе го штити здравјето на граѓаните“, истакна министерот за здравство.

 

 

(В.Ми)