Екипата од југот на Италија во воведното коло од новата сезона во Сериа А, на домашен терен успеа да ја совлада новајлијата Венеција со 2:0, a македонскиот фудбалски репрезентативец, Елиф Елмас, се најде на листата на стрелците за тимот на Наполи.
Наполитанците не стартуваа добро и веќе во раната фаза од дуелот, рекордното засилување Виктор Осимен заработи директно исклучување од игра, па така „светлосините“ останаа со играч помалку. Сепак, тоа не им сметаше на Лоренцо Инсиње и „македонскиот дијамант“ со погодоците во второто полувреме му донесат посакуваните три бода на предводникот Лучијано Спалети.
Во 35-тата минута Спалети го замени Пиотр Зиелински со нашиот репрезентативец и тоа се покажа како вистински потег на италијанскиот стратег.
Токму за него во интервјуто за клупскиот веб-сајт зборуваше играчот за врска на Наполи и Македонија, велејќи дека со него клубот може да постигне многу, искористувајќи ја приликата и да му се заблагодари за укажаната доверба, нешто што не беше чест случај со претходниот тренер, Џенаро Гатузо.
-Беше големо задоволство да се постигне гол пред фановите во воведниот меч. Победа во вакви околности значи дека сме добар тим. Докажавме дека и со 10 играчи можеме да извлечеме добар резултат. Многу сум среќен што постигнав гол и му благодарам на господинот Спалети за довербата што ми ја укажа и што ми ја дава уште од неговото доаѓање овде. Верувам дека нашата сила е и тренерот и со него и под негово водство, можеме да оствариме големи нешта, изјави Елиф Елмас.
Наполи следното коло му гостува на Џенова во судир на старата и новата генерација македонски фудбалери, Пандев-Елмас. По интернационалната пауза, Наполи ќе се соочи со вицешампионот Јувентус.
[д.ј.]
Фото: