Седмумина Авганистанци загинаа во хаосот на аеродромот во Кабул – ММС
ММС

Објавено на: 08/22/21 10:13 AM

Седмумина Авганистанци загинаа во хаосот на аеродромот во Кабул

Седум цивили од Авганистан загинаа во хаосот на аеродромот во Кабул, објави британското Министерство за одбрана, додека десетици илјади луѓе очајно се обидуваат да избегаат од земјата окупирана од Талибанците.

„Условите на теренот се исклучително тешки, но правиме сe што можеме за да ја менаџираме ситуацијата што е можно побезбедно“, велат од министерството.

Смртта на цивилите укажува на очајот на многу Авганистанци, соработници со меѓународните сили во изминатите 20 години и активисти за човекови права кои се плашат за нивните животи додека чекаат евакуација со своите семејства на аеродромот.

Изјавата на министерството дојде откако ОН предупредија дека талибанците се насочени кон соработници на соборената влада, и покрај ветувањата дека нема да се одмаздат.

 

Војници од голем број земји, вклучувајќи ги САД, Германија, Велика Британија и Турција, спроведуваат истовремени операции за евакуација на аеродромот.

Американските сили во саботата објавија дека минатата недела транспортирале 17.000 луѓе од Кабул, а германската војска 2.300 лица.

Надежите за бегство од Авганистан се намалуваат со приближувањето на крајниот рок за повлекување на американските војници до 31 август. Затоа, другите земји брзаат да ги евакуираат своите граѓани под заштита на американските сили.

Конзервативниот австриски канцелар Себастијан Курц рече дека се противи на примање повеќе луѓе од Авганистан.

„Јасно се противам на тоа доброволно да прифатам повеќе луѓе и тоа нема да се случи додека сум канцелар“, рече Курц, кој својата кариера ја изгради на цврст став за имиграцијата.

Австрија има повеќе од 40.000 авганистански бегалци, најмногу во Европа по Германија, која прими 148.000, според податоците на УНХЦР за 2020 година.

Курц рече дека луѓето кои го напуштиле Авганистан треба да останат во регионот и потсети дека соседните Туркменистан и Узбекистан прифатиле само 14, односно 13 бегалци, што се совпаѓа со податоците на УНХЦР.

Преземено од: https://hr.n1info.com/
Фотографија: AFP / Getty Images