Домашните здравствени власти од пред неколку денови добиле потврда дека нашиот сертификат се признава во рамките на Европската унија. Со ваквата потврда, македонските граѓани ќе може да го користат сертификатот не само за влез во европските земји, туку и за се’ останато за што таму е потврда за вакцинација, бидејќи ваквиот документ ќе се смета за еквивалент на сертификатите кои се издаваат таму.
– Ги имаме сите електронски алатки. Сега освен апликацијата Common pass, тој европски сертификат ќе може да се симне на нова апликација која ќе биде достапна од средината на следната недела. Ќе се вика „Мое здравје“ – соопшти министерот за здравство, Венко Филипче.
Одговарајќи на новинарско прашање, тој денеска истакна дека контролата на веродостојноста на сертификатите за вакцинација е во рамките на инспекторатите.
„Ги имаме сите електронски алатки за да бидат инспекторатите сигурни дека граѓаните имаат веродостоен документ“, посочи Филипче.
Прашан зошто не се воведе задолжителен ПЦР тест за влез во трговските центри и угостителските објекти, тој рече дека целта е да се зголеми колективниот имунитет, а не граѓаните да се изложуваат на дополнителен трошок.
„Тоа значи дека секој ден треба да го прават ако сакаат да функционираат нормално. Вакцината е спасот и јасно е дека е вакцината спасот. Тоа е причината зошто ги носиме овие одлуки и препораки. Секој ден го разгледуваме и бројот на заболени и на вакцинирани“, додаде тој.
Прашан колку од хоспитализираните со ковид-19 го прележале вирусот и во некој од претходните бранови, изјави дека тоа е анализа која треба да ја провери. Сепак, Филипче укажа дека според некои големи студии во САД, вакцинираните се заразуваат со 0,07 % ризик, а прежеланите со 1,2 или 3 %.
„Тоа значи дека многу повеќе се во ризик тие кои прележале“, истакна Филипче.
Тој потенцира дека акцентот сега се става на вакцинацијата и затоа засега не се размислува за повторно воведување на мерката за задолжително носење маски на отворено.
(В.Ми)