Спортската сала „Борис Трајковски“ повторно станува пункт за вакцинација. Граѓаните ќе може таму да се имунизираат почнувајќи од среда или од четврток – најави денеска министерот, Венко Филипче. Тој рече дека оваа одлука ја донеле поради зголемениот притисок. Сепак, тој оценува дека имунизацијата добро се одвива на сите вакцинални пунктови ширум државата.
„Процесот се одвива во сите вакцинални пунктови во здравствените домови ширум државата, тука во Скопје во поголемите во две смени, а во сабота само во една. Имајќи го предвид големиот притисок, во среда или најкасно четврток повторно ќе се отвори салата Борис Трајковски, за што дел од вработените во Здравствен дом ги прекинаа годишни одмори порано за да дојдат и да ја стават салата во функција. Сега ќе биде онаа помала сала, не големата“, објасни Филипче.
Тој додаде дека таму ќе има околу 20 места каде што ќе може да се спроведе вакцинацијата.
„Верувам дека тоа ќе ги растерети гужвите и редовите коишто ги имаме пред здравствените домови“, изјави министерот.
Тој информираше дека во градовите каде има низок процент на вакцинирани граѓани, има и поголем притисок во болниците, а таква е ситуацијата во Тетово и Гостивар каде болниците се преоптеретени.
„Тука е целосно исполнета Инфективната клиника заедно со модуларната, над 130 пациенти се веќе хоспитализирани.Од денеска почнува да работи Болницата за рехабилитација во Козле каде што има 120 кревети коишто се снабдени со централен довод за кислород“, посочи ресорниот министер.
И покрај алармантната ситуација во Тетово, здравствените власти не размислуваат да биде прогласен карантин за овој град.
„Ние разговаравме со колегите, со дел од експертите за овие мерки. Заклучокот беше дека засега нема потреба од карантин. Сепак е тоа голема рестрикција и ставаме фокус на вакцинацијата која треба да го зголеми колективниот имунитет и да го спречи ширењето на вирусот, вклучувајќи ги и овие градови каде што е најголем бројот на пациенти и дијагностицирани и оние кои се хоспитализираат, а имаме предвид дека таму е најмал опфатот со вакцинација. Во градовите каде што опфатот со вакцинација е близу 50 проценти, нема толку наплив на пациенти. Се надевам така и ќе остане“, порача Филипче.
Во денешната изјава за медиумите тој повторно апелираше до граѓаните да се вакцинираат, бидејќи вакцини има доволно.
(В.Ми)