ВМРО-ДПМНЕ тврди дека Владата за прославата организирана по повод поканата за членство во НАТО потрошила повеќе од јавно прикажаната сума. Портпаролот на најголемата опозициска партија во земјава, Димче Арсовски денеска на прес конференција објави дека вкупната сума за сцените и сценската опрема е за 31 000 евра повеќе од сумата од 49 илјади евра што ја објави Владата.
„Очигледно е дека лажат сушат. Нема еден скандал, а да не се обидат да излажат за да го намалат револтот кај граѓаните. Дали СДСМ со парите на граѓаните платила 31.000 евра повеќе од што им се обиде да го прикаже? Дали овие пари се платени на фактура?“, праша Арсовски.
Тој исто така, потенцираше дека според информациите достапни од Бирото за јавни набавки за организација на прославата склучен е договор во вредност од или 41.323 евра, што е за 6.000 евра повеќе од она што го прикажаа од Владата:
„Владата на СДСМ конечно да се произнесе без лажење, колку пари ги чинеше прославата граѓаните на Република Македонија која што се обидоа да го организираат минатиот месец? Јасно е дека чинела многу повеќе од она што го кажаа. Дополнително, како е можно сите тендерски постапки да бидат спроведени за само 1 ден без притоа да се остави можност сите заинтересирани економски оператори да формираат понуда? Зошто Владата, доколку се работело за набавка од итни причини не спровела постапка според член 99 од законот за јавни набавки кој што упатува на итност? Постапката е спроведена според друг член кој не повикува на итна постапка. Нема ден, нема настан, нема проект, нема тендер, а Владата на СДСМ да не е вмешана во некои сомнителни зделки“.
Прославата за поканата за членство во НАТО беше организирана минатиот месец. Централната прослава се одржа во Скопје, а се славеше и во други 14 градови во Македонија.